И вас ли ве утепа „doomjobbing“?

Како doomscrolling е, ама со ова си на Линкедин или некое слично, па скролаш огласи за работа додека не заклучиш дека за ништо не те бива.

„Doomjobbing“ (како што е опишано во текстот на Гардијан) не значи да си заглавен на лошо, или бар глупо работно место, Зборуваме за моментот кога самиот процес на барање работа се претвора во исцрпувачки и речиси компулсивен циклус - многу сличен по структура со „doomscrolling“.

Попрецизно, изгледа вака:

  • Постојано пребаруваш огласи за работа, со часови
  • Наидуваш на позиции што не одговараат, се слабо платени или нереални
  • Аплицираш и покрај тоа (често на повеќе места одеднаш)
  • Се соочуваш со одбивање или целосна тишина
  • Повторно се враќаш на пребарување

„Doom“ моментот доаѓа од психолошката шема: надеж - труд - одбивање - сомнеж во себе - и од почеток.

Проблемот не е само во пазарот на труд, туку и маѓепсаниот круг што тој го создава. Големиот број огласи создава илузија на можности, но филтрите, автоматизацијата и конкуренцијата реално ги намалуваат шансите. Тоа води до уште повеќе скролање и аплицирање, што потоа води до нови фрустрации и многу (млади) луѓе завршуваат со соџвакана самодоверба. 

Зошто денес ова чувство е поизразено?

Има автоматизирани системи што селектираат кандидати, влијае вештачката интелигенција и промените на пазарот, а не помага ни зголемената конкуренција и фактот дека огласите се достапни постојано, без природна пауза. Решението можеби лежи во прекинување на самиот штетен механизам. Наместо масовно аплицирање, пробајте со фокус на помал број релевантни позиции, или ограничување на времето поминато на платформи за работа.

„Doomjobbing“ не е само тренд - станува проблем, а притоа не е лесно решлив, со оглед на тоа што баратели на работа секогаш ќе има, а интерес да им се олесни процесот редовно ќе нема.

29 април 2026 - 14:01