Мадам Тисо била исклучително интересна личност

Светот го знае името заради музејот, но не сите ја знаат приказната што те тера да ги бараш нејзините мемоари.

Мари Тисо е родена како Ана Марија Грошолц во 1761 година. Татко и починал рано, а мајка ѝ почнала да работи за еден ексцентрик во Берн - Швајцарецот Филип Куртиус изработувал реалистични човечки модели од восок, за потребите на медицинскиот факултет. Немал деца и Мари ја сакал како своја и ја научил на сè што знаел. Почнала да изработува медицински модели, а подоцна и портрети на јавни личности. Толку станала вешта што стигнала да изработи портрети и на Волтер и Русо, па се прочуло и стигнало до Версај, каде што ја собрале да ѝ предава уметност на принцезата Елизабет. Така и останува на францускиот двор, што подоцна ѝ носи сериозен проблем.

Доаѓа Француската револуција и Тисо ја апсат и ја затвораат. Во нејзините мемоари пишува дека ѝ ја избричиле главата и била на ред за погубување, но се појавил Куртиус кој сè уште бил влијателен за да се пазари да ја ослободат затоа што нејзиниот талент не смеел да пропадне.

Подоцна ќе напише дека работела директно со телата на погубените и тоа веднаш по егзекуциите. Земала отпечатоци од лицата додека сè уште биле свежи, па дури и пишува дека седела со отсечените глави во скут, додека капела крв и земала мерки.

Во 1794 по смртта на Куртиус, Мари Тисо ја наследува неговата колекција, што ѝ овозможува да патува и да организира изложби и така да заработува. Во 1802 година заминува за Британија каде што со години патува и приредува изложби на восочни фигури низ различни градови. Конечно, со помош на синовите, во 1835 година отвора постојана изложба во Лондон, на Бејкер Стрит. Таа изложба постепено прераснува во институцијата што денес е позната како Madame Tussauds.

Умира во 1850 година на 88-годишна возраст. Зад себе остава историски важна уметничка колекција, како визуелен запис на една од најтурбулентните епохи во Европа.

4 мај 2026 - 00:00