Крокс за кампување

Затоа што нема доволно варијанти на крокс.

Ние вака како хроничари на феноменот Крокс, неколку пати сме си ја трескале главата од ѕид за сѐ што Крокс вади низ годините. 

На пример, кога пишувавме за Крокс на топук во „Видете што направи Баленсијага“, не ни имавме поим дека ќе земат таков замав и дека допрва ќе имаме за пишување. Следен шок беше „Крокс на штикла“, како еден од пострашните напади на човечкото чувство за естетика, а јасно стана дека нема да се престане и дека ќе ја цедат идејата долго време кога се појави „Ташната од Крокс што никој не ја побара“.

Од таму, остануваше само да следиме. Кога е бизарно и глупо, не може да не се вклучи Канје Вест, па и тоа го дочекавме. После веќе почна да личи на надреализам, со соработки меѓу Крокс и КФЦ (!!!), а сега најновото што го имаат смислено како повеќе да им личи од сите горенаведени.

Крокс за кампување, со секакви тракатанци за преживување закачени на нив.

Гледате како, има кеси за да можеш да газиш по мокро, плус да не ти влезе бебе-шкорпија и да те убие со опавчето?

Некакви каиши, јаже, нешто за закачување, веројатно детали што планинари, шетачи и извидници веднаш ќе ги познаат.

И компафче.

И сигурно се поцврсти и поиздржливи од тие што (ќе признаете!) ги носите по дома. Што значи, ако некои Крокс треба да постојат, ако мора, тогаш се најверојатно овие.

 

14 јуни 2021 - 11:26