Помош! Канје Вест пак дизајнира нешто за на нога

Малку му беше што ги смисли најужасните патики на планетава и пошироко, сега му текна да нè почасти со хибрид од Јизи и Крокс. Па, аман кај е метеорот.

Yeezy Mafia (оф, мори мајко) се пофалија на Твитер пред некој ден за најновото достигнување на Канје Вест - Yeezy Foam Runner. Прв пат ги носеше ќерка му летово, а сега веќе ги викаат „Јизи Крок”. Како да не беа крокс доволно проблематични и напикани во секоја сфера.

Ги има и во машка и во женска варијанта, како што може да се види таму на моторот, а ние само ќе продолжиме да се прашуваме до кога ќе му даваат на Канје Вест да си игра селебрити, затоа што со вакви работи се претера.

Инаку, не е прв пат да се фатат дизајнери и брендови за крокс. Ги имаше на писта во колекција на Кристофер Кејн, ги имаше во вид на ташна, кај Баленсијага се разбира, затоа што се опседнати со грдо, ги имаше на штикла, просто ни фали времето кога најнаивно си напишавме: А бе, Крокс ИЗГЛЕДА стануваат модерни. Тогаш уште не знаевме што ќе не снајде.

И така, сега наместо моделов да се задржи само на тезги, како варијанта за газење по камчиња во езеро, ќе гледаме како светот се опседнува со нив, што позитивно, што негативно, Адидас ќе кешира, Канје ќе мисли дека тоа што го прави е во ред, ќе ги соберат брендовите за брза мода, од таму ќе ги соберат и кинезите и наскоро светот ќе биде преплавен со Јизи Крок.

What a time to be alive, нели?

17 септември 2019 - 11:57