Ќе му се извини ли некој на Џони Деп?

Тие неколку што предупредуваа дека со #MeToo се претера и ризикуваа засекогаш да им ги закопаат кариерите - за ова зборуваа.

Да се потсетиме:

Во екот на #MeToo, сега веќе бившата жена на Џони Деп, Амбер Херд го обвини дека физички и вербално ја малтретирал. Излегоа слики, модра. Деп демантираше. Уште побившата, Ванеса Паради, без разлика што беше малку огорчена што долгогодишниот дечко направи скроз холивудски потег и се ожени за 100 години помлада (за свадба им прати тостер), исто така јавно излезе да каже дека „нема шанси да е тепач“. Го бранеше и ќерка му, па на интернет и ја напаѓаа. Сѐ во духот на ловењето вештери што потценуваат, малтретираат, злоставуваат и сексуално гњават колешки и сопствени жени; во духот на „верувајте и на жртвата по секоја цена“.

По секоја цена значи и по цена на кариера на обвинетиот. Што е одлична, па и недоволна казна, ако стварно е виновен.

И се разбира, тотално незаслужено и нефер ако не е.

А сите обвинети, освен два-тројца што добија сосема небулозни обвинувања, настрадаа така. Ед Вествик пропадна на едвај разработена кариера, Кевин Спејси - знаеме, Оскарите немаат веќе водител, Азис Ансари едвај извлече жива глава заради неуспешен дејт, Оливер Стоун за малку ќе го јадеше дека на Патриша Аркет ѝ пратил цвеќе и „чудно ја погледнал“, Џорџ Такеи имаше среќа што типот што го обвини брзо призна дека измислувал, ја забранија „Baby, It's Cold Outside“ на радио, на Вуди Ален му вратија 30 години стари (и отфрлени на суд) обвиненија дека ја злоупотребувал ќерка му… Да, многу гадови добија тоа што заслужија, ама целото тоа цунами однесе и жртви што можеби (а можеби и не, до суд не стигна) некогаш само навалувале со пуштање на некоја жена.

Меѓу сите жртви, со Џони Деп бришеа под година дена, го нарекува злоставувач, манијак, пијаница, спремаа клада за палење на студија на кои не им се отпушташе баш, додека неговата поранешна жена чедно и модро „бараше правда“, а парите од спогодбата ги донираше во добротворни цели.

И на никој до крај не му се веруваше дека Џони Деп е таков каков што тврдат дека е, ама на сите ни беше незгодно од самите себе - да не е тоа затоа што го сакаме со години? Затоа што ни е убав и одличен глумец? Затоа што е побогат и попознат од девојкава што упорно тврди дека е тепана? Кој е толку будала да тврди дека е тепан, ако не е?

И тоа ние, како далечна публика, а којзнае какви дилеми вредни милиони долари се врткале по студијата.

За на крај, Марвел и Дизни да му раскинат договор, а Деп да биде бележан како насилник и уште еден „успех“ на торнадото наречено #MeToo.

Имаше и петиции и повици за бојкот на вториот дел на „Фантастични ѕверови“, затоа што „насилникот и тепач на жени Деп бил ангажиран како Гринделвалд“.

И сега доаѓа ова:

Не те боксав, само те шамарав.“

„Бебе.“

„Плачко.“

И битното прашање од негова страна:

„Зошто мораш секогаш да преминуваш на физички напад?“

И уште еден документ излезе, од сведок, што тврди дека не само што го вреѓала Херд, туку и му викала дека е дебел и дека е готово со него.

Поточно,

„Кариерата ти е готова, никој нема да те ангажира, стар си, дебел и ќе умреш сам.“

А многу добро знаете што значи боди-шејминг за тастатура-воини.

Уште нешто што вреди да се спомне - тепачите и насилниците баш и не поставуваат прашања од типот: „Мора ли сѐ на мавање да го вртиш?“

Се појави и втора аудио снимка. Алудирајќи на тоа дека никој нема да му поверува, вака му вика:

„Знаеш ли дека јас имам 50, добро, веќе не, ама имав 50 кила, значи жена од скоро 50 кила. И ти ќе сведочиш, Џони, и ќе речеш ‘Таа прва почна?’ Озбилен си?“

И сега некој треба на Џони Деп да му се извини за изгубените пари, углед и мир.

Тоа можеби и не е толку битно колку што е битно да се извлече поука од овој, и покрај сѐ - среќен развој на настаните.

Социјалните мрежи не смеат да бидат и судија и џелат. И фино што постои и ваква разврска, затоа што на борците за социјална правда што само зад монитор функционираат, треба да им се наруши кредибилитетот. Или можеби, ова е премногу строго, Твитер и Фејсбук често знаат да извршат потребен притисок за нешто да тргне на добро и да се истера до крај - ама никако не смеат да го имаат последниот збор. За жал, расклатувањето на овој скапан заб веројатно ќе потрае, а паралелно, таквите како Амбер Херд само ќе им рушат кредибилитет на реалните жртви. Да, сега Филистинците се веќе тргнати по нејзе, петиции потпишуваат да ја нема де ваму, де од таму, ама штетата е направена.

Само луѓе се кадарни вака наопачки да ги тераат работите.

Јана, Off Café

*

Види и:

Ни треба нов хаштаг: #NotMe

Не сме сите истрауматизирани од едно фаќање за колено

Е, во ваков свет живееме сега

Стравот на мажите од #MeToo удира по деловните жени

Уште збор-два за тоа што е малтретирање

13 февруари 2020 - 16:08