Статијата, чиј што автор постојано ја кити со осудувачки коментарчиња, ја врти бруталната искреност на Џони Деп баш против него самиот. Известувајќи за неговите признанија околу финансиските проблеми и самоуништувачки демони, авторот, Стивен Родрик изработува една клише слика за нереална филмска ѕвезда, еден недоквакан маж кој не е способен да се справи со избледувањето на неговиот холивудски сјај.
„Биди искрен и немилосрден.”
Вака новинарски, Лестер Бенгс кој го играше Филип Симор Хофман, го посоветува младиот Вилијам Милер во филмот „Речиси славен.” Би можело да се каже и дека статијата на Родрик е само дел од таа традиција: бескомпромисно искрено сведоштво од страна на новинар инфилтриран во популарната култура.
Сепак, има една голема разлика меѓу зборување вистина за некоја славна личност и клоцање на изреметен уметник додека лежи на земја.
Деп секако дека не е светец. Сигурно се согласил да разговара со Родрик како дел од неговата јавна војна со поранешните бизнис-менаџери, пред да се спрема да се бори со нив на суд за наводна измама. Наводното физичко малтретирање на Амбер Херд, ако е воопшто така, е секако погрешно. Како и да е, грдите детали од неговиот развод и нестабилното расположение не се од јавен интерес, не вклучуваат поширок, глобален проблем и не алудираат на живот поминат во малтретирање.
Во интервјуто, Деп е освежувачки искрен за неговата амбивалентна врска со мајка му, ефектот што го имаше распадот на неговиот брак и загубата на неговите татковски фигури како Хантер С. Томпсон и Марлон Брандо, а неодамна и Том Пети. Имајќи предвид дека се работи за, меѓу другото, маж пораснат со своеглава мајка, сè ова можеше да се осмисли како причина за сочувство. Неговите зависности, насилните испади и навидум нескротливото однесување се сигурно делумно производ на нестабилно детство. Маката што ја има во последно време, може делумно да се должи и на губењето на поддршката од саканите.
Сепак, Родрик решава да го гаѓа и ја предава неговата доверба.
„Уништувањето на репутацијата” стана како добро утро за мрзливите новинари и медиумите кои функционираат само за кликови. Фактот е што не постои уметник кој вреди нешто, што не може да биде оштетен со откритија за некаков негов трансгресивен карактер и некакви зависности. Има нешто средновековно во начинот на кој нашето општество се гордее кога уништува генијалци што дефинираат една ера, особено кога тоа уништување доаѓа завиено во трачеви и јавно засрамување.
Бил Хикс еднаш има речено дека секој што има проблем со луѓе што се дрогираат, треба да ги земе купените музички албуми и да ги запали, затоа што добриот рокенрол е производ на опасен лајфстајл. Слично може да се каже и за актер како Деп. Неговата опасна чувствителност, неговите чудни креации на екраните и платното доаѓаат со цена, цена која се преведува со маничен и нестабилен карактер. Да ги морализираш неговите падови е покажување на тотална игнорантност за психолошката циркуска точка која големите уметници мораат да ја извадат.
Под ловот и осудувањето на Џони Деп се крие еден длабок филистинизам кој самоуверено си честита самиот на себе. Начинот на кој ги третираме нашите уметници е знак за нашите вредности како култура. Со оглед на површноста во интервјуто на Џони Деп за Ролинг Стоун, изгледа дека повредно ни е глумењето чедност, наместо една екстравагантна, ризична генијалност која е потребна кај секоја голема уметност.