
На инаугуративниот самит Fostering the Future Together Global Coalition во Вашингтон, каде што се собраа претставници од околу 45 земји со фокус на подобрување на пристапот до образование и технологија за децата ширум светот, највпечатливата слика не беше политички говор или договор, туку визуелен момент: Меланија Трамп како влегува на настанот покрај хуманоиден робот. Комбинација што лесно може да се чита како внимателно режирана политичка естетика.

Но вистинската приказна, како и често во политиката, се наоѓа во детали што ги нема веднаш на насловните страници.
На социјалните мрежи се појави фотографија од т.н. „маса со чанти на првите сопруги“ - еден вид тивка изложба на политички луксуз. И имаше Шанел, Ермес, Сан Лоран, Мајкл Корс, Ферагамо - имиња кои одамна не се само модни брендови, туку и симболи на статус и припадност.
Но во таа внимателно избрана слика се појавува и еден „надворешен“ елемент: светлосина мини чанта од брендот Брендон Блеквуд. Нејзината цена е околу 300 долари, што ја прави речиси „скромна“ во споредба со останатите, но нејзината вистинска тежина не е во цената, туку во значењето. Брендот, основан од млад дизајнер од Њујорк, стана глобално познат во 2020 година со моделот кој ја носеше пораката End Systemic Racism, дел од поширокото движење по убиството на Џорџ Флојд. Во тој контекст, присуството на ваков предмет во високополитички простор отвора прашање: дали модата сè уште комуницира идеи, или само статус?
Венити Фер расправа дека сепак е само статус, или, ако е порака, тогаш е како шепкање - затоа што сопственикот, да сакал, ќе ја носел баш таа чанта со натписот.
Покрај ова, на настанот се појави и Александра Гучи Зарини, внука на Алдо Гучи и правнука на основачот на Гучи. Таа носеше чанта од сопствениот бренд AGCF - Unity Bag, лансирана како дел од концептот на „purpose-driven“ мода. Чантата чини околу 2.800 долари, а дел од приходите се насочени кон истата иницијатива поврзана со самитот. Така, модата тука станува истовремено и производ и порака, и донација и статусен симбол. Меѓу присутните беше и Сара Нетанјаху, сопруга на израелскиот премиер, која носеше класична Шанел чанта - уште еден пример за тоа како одредени симболи на луксуз остануваат константни без оглед на политичкиот контекст или епоха.
Тука се отвора прашањето - што значи модата во политиката денес? Бидејќи во последниве години, особено во американскиот политички простор, модата стана јасен канал на комуникација. Џил Бајден често избира американски дизајнери како форма на поддршка за локалната индустрија, а Камала Харис користеше облека како продолжение на својот политички идентитет - прецизно, намерно и со порака.
Да направиме дигресија и да видиме како порано не беше битно: Ева Перон, поранешната прва дама на Аргентина, ги отфрли и комунизмот и капитализмот преку т.н. „трета позиција“ - перонизмот. Пред сè, таа беше жесток сојузник на работничката класа, позната како descamisados, а во исто време, беше клиентка на Кристијан Диор и го прифати неговиот познат New Look за време и по европската турнеја во 1947 година. (Самиот Диор наводно рекол: „единствената кралица што некогаш сум ја облекувал беше Ева Перон.“)
Потоа, да го видиме раскошниот начин на живот на Хуго Чавез, социјалист чии ќерки и сопругата Силија Флорес, беа познати по толку екстравагантно трошење што се појави терминот Boliburgoisie - спој од „боливарски“ и „буржоазија“. Новинарот Хуан Карлос Запата го воведе овој поим за да ја опише олигархијата што се создаде за време на власта на Чавез, а продолжи и под администрацијата на Николас Мадуро и понатаму.

Меланија Трамп се издвојува по пристап што се коси со поновото време. Нејзиниот стил не се чита како директна порака, туку како позиција на оддалеченост од пораката. Таа не користи модата за да објасни став, туку за да создаде имиџ на уреденост, контрола и естетска дистанца. Во тој смисол, нејзиниот пристап не е нов. Напротив - тој наликува на ерата пред Обама, кога модата во политиката не беше инструмент на комуникација, туку пред сè одраз на статус, богатство и пристап. Пред облеката да стане политички аргумент, беше само знак на присуство.
Затоа, нејзиното влијание не е во тоа што „ја користи модата поинаку“, туку што нè потсетува дека модата во политиката не мора секогаш да зборува. И тишината на Меланија кажува повеќе од било која порака.