Како Деми Ловато ја промаши финтата

Во првата епизода на нејзиниот нов подкаст - 4Д, актерката и пејачка Деми Ловато објави дека сега се идентификува како „небинарна“, и дека ќе ги менува заменките во „тие/нив“. Само што, небинарно не е само косата да ја скратиш и да кажеш „сега сум подобра од кога бев жена“, затоа што тоа повлекува еден куп други штетни значења.

Ловато е меѓу најновите јавни личности што се качија на небинарниот воз - лани Елиот Пејџ (порано Елен Пејџ) објави дека има нов идентитет - трансродов и небинарен, откако претходно кажа дека е лезбејка во 2014. Кортни Стоден која ја имавме тука со несогласувањата со Криси Тиген, исто така го објави својот небинарен идентитет во април, и така натаму, да не набројуваме - како пола свет да реши дека родот и полот повеќе нема да значат ништо и точка.

Небинарните идентитети се во подем најмалку една деценија и се особено популарен тренд кај младите ЛГБ жени. Кога младите жени ќе ја усвојат оваа етикета, често заедно со тоа доаѓа и едно олеснување, заради отсуството на притисок да се конформираат во родовите норми. Истовремено, често излегува дека се жртви на насилство од страна на мажи, сексуална траума и сериозни проблеми со менталното здравје.

Новинарката Мери Кејт Фејн, за Квилет пишува за сопственото искуство на ова поле: Живеела со три цимерки кои во текот на една година почнале да се идентификуваат како небинарни една по една. Биле на возраст од 19 до 23, бисексуалки (или квир), жени со историја на сексуално насилство, проблеми со боди-имиџ и тенденција кон злоупотреба на дроги. Сите се бореле со високите очекувања што општеството им ги наметнувало како жени; и како повеќето жени што ги познавала, се чувствувале заробени во стереотипите на женскоста. За две од нив, патешествието кон небинарноста започнало со едноставен акт на бунт: ја ишишале косата.

Е сега, во описот на мотивацијата зад нејзиниот нов идентитет, Ловато штиклира многу од овие детали. Отворено зборуваше за борбата со депресија, анксиозност, боди-имиџ, булимија, зависност и самоповредување. Во 2018 за малку ќе умреше од предозирање и сѐ уште чувствува физички последици. Сега вели дека причината за тоа предозирање бил токму притисокот што го чувствувала да биде женствена.

„Мислам дека причината за тоа беше затоа што ја игнорирав сопствената вистина и се поттиснував како личност, за да им удоволам на стилисти, членови на екипата, дури и фанови што сакаа да бидам секси, женствена поп-ѕвезда во боди и да изгледам на одреден начин,“ вели таа. „Мислев дека треба да бидам таква.“

Додава и дека промената на идентитетот е исто така поврзана со нејзините искуства со сексуална траума и битката со сексуалната ориентација. Прифаќајќи ја својата машка страна, смета Ловато, ѝ помогнало помалку да се плаши „од одредени полови што ѝ предизвикале болка“.

Јасно е, според она што го кажува дека нејзиниот живот трпел многу влијанија, и тоа негативни, од нејзините искуства како жена во патријархално општество. Очекувањето дека жените, особено тие во очите на јавноста мораат да бидат слаби, секси и женствени се наметнува агресивно на многу девојчиња додека се сѐ уште мали, често под закана од машко насилство. Жените (и мажите) што не „подлегнуваат на полот“, без разлика какви заменки користат често стануваат мети. А разрушувањето на концептот за родови улоги, кое и Ловато сака да го предизвика, е суштинска одлика на мејнстрим феминизмот. Но, во обидот да ги преврти родовите улоги на глава, Ловато само поцврсто ги цементира.

На пример за нејзе, како и за цимерките на гореспоменатата новинарка, голем дел од чинот на отфрлање на родот се сведува на косата. „Се чувствувам своја откако се ишишав,“ има кажано. „Толку многу години бев женствена жена како што ме доживуваа - Дизни поп-ѕвезда. Тоа што ја скратив косата значеше сечење на години конформирање на род, години стереотипи во кои се обидував да се вклопам за да добијам валидација.“

Вистина е дека косата е дефинитивно социјално-конструирана карактеристика за женственост (и мажественост) во многу култури. Често и ликовите во цртаните филмови се одредува дали се машки или женски само преку должината на нивната коса. Избричена глава или кратка коса кај жените се гледа како симбол на напуштање на традиционалната женскост што постои само за да им удоволи на мажите и долго време се поврзува и со лезбејство (или во случајот на поп-ѕвездите - нервен слом). Во Јужна Кореја, младите радикални феминистки почнаа да си ги бричат главите на јавни церемонии како акт на отпор против патријархалните стереотипи. Овие феминистки демонстрираат нешто што многу жени, меѓу кои и Ловато очигледно го забораваат - дека жените можат да се бунтуваат против родово-базираните очекувања и без да се откажат од бивањето жена.

Кај Ловато и многу други млади што копнеат по надворешна валидација, „автентичното“ живеење изгледа станува можно само доколку преземат идентитет што ја оправдува оваа трансгресија. Да се биде жена со кратка коса или да избереш да не го изведуваш секој аспект на женственоста кога и да е, како да било невозможно за Ловато додека не станала делумно маж. Опишувајќи го нејзиниот нов небинарен живот, Ловато ќе каже,

„Носам што сакам. Некои денови се шминкам, некои денови не. Понекогаш не се гледа како што се претставувам. Многу сум слободна сега.“

Импликацијата е дека кога била една обична, здодевна жена, сето ова било невозможно - што секако дека не е вистина (ниту треба да биде), бидејќи милијарди жени и девојчиња го живеат истото. Некои самопрогласени небинарни жени тврдат дека пронашле некаква „дупка“ од нападните родови норми. Како што Ловато гледа на ова, нејзината нова етикета е еден вид залечување. Но, незгодната вистина е дека ништо од она што Ловато (или Пејџ, или Стоден) го опишува, или било која од младите (биолошки) жени кои избрале различни форми на себеидентификување не ги прави поинакви. Малку се жените што се чувствуваат удобно во врска со стереотипите и очекувањата во општеството за нив.

Најлогичен начин да се бориш е да истакнеш дека овие стереотипи и очекувања се погрешни и нездрави. Наместо тоа, да се оградиш од категоријата жена преку јазични финти, не е некоја храброст или прогресивност. Ловато и другите небинарни жени едноставно нѐ фрлаат нас останатите под кола, одобрувајќи ја идејата дека да се биде жена бара од тебе да ти е удобно во врска со женските стереотипи. Со тоа што остануваме жени, божем придонесуваме кон вистинските извори на женската опресија.

Од нејзината огромна куќа, високо на Холивуд Хилс, Ловато изгледа заборава како си поминуваат жените во нејзиниот роден Тексас, каде што гувернерот Грег Абот потпиша еден од најстрогите анти-абортус закони во земјата. Законот ќе има ужасни последици по жените, а потпишан е на 19 мај, истиот ден кога Деми Ловато објави дека „не е ни машко ни женско“. Жени без нејзините ресурси може малку повеќе ќе се помачат да се извадат од женската категорија (особено ако се бремени). Еве друг пример: Според ОН, 75% од жените во Самоа се жртви на физичка или сексуална злоупотреба и секој ден, над 200 жени ги убиваат членови на нивното семејство или партнери. Од 2016, најмалку 200 милиони жени и девојчиња ширум светот биле жртви на генитална мутилација, меѓу нив половина од девојчињата под 12-годишна возраст во Индонезија.

Излегува дека патријархатот некако го заболе за етикети.

Да испочитуваш некој што сам си смислил идентитет изгледа културно и љубезно, сѐ додека никој е повреден како резултат на тоа. Но, додека многу жени кои ќе се идентификуваат како небинарни едвај менуваат фризура и заменки, постојат докази дека сѐ поголем број се одлучува за операција за „поништување“, за нулификација на полот и примаат хормони за да изгледаат поандрогено. Пејџ на пример, направи двојна масектомија.

„Сочувствувам со болката што жените како Ловато ја искусиле сакајќи да живеат автентично во општество што сака да ги става луѓето, особено жените во предвреме дефинирани папки,“ вели Фејн. „Иако не би можела да зборувам од гледна точка на јавна личност, со Ловато имаме нешто заедничко. Како и таа, и јас имам преживеано сексуална траума, сум се борела со ментални нарушувања и самоповредување во моите тинејџерски години, се борев да се справам со мојата бисексуалност и се чувствував заробена од родовите норми. Се разликуваме, сепак, во визијата за подобра иднина. Феминизмот се бори за свет во кој ниедна жена и девојка нема да биде газена или подложена на насилство само затоа што е жена. Зад подемот на овие небинарни идентитети, од друга страна, е надежта дека никој нема заради полот да биде принуден да биде жена. Да се биде жена се смета самото по себе за проблем, наместо за проблем да се сметаат културните стереотипи и притисоци што жените ги трпат.“

Ова е интернализирани мизогинија, со други зборови - дифолт прифаќање на парадигмата што ја гледа жената како „женствена“, а женственото како „помалку вредно“. Заради ова и на крај небинарните жени ќе завршат разочарани. Можеби менувањето на заменките и кратењето на косата изгледа како некакво решение, но сепак се работи за површна поправка што ја кочи напорната работа што влегува во прифаќањето на реалноста да се биде женско.

И токму тука лежат автентичноста и вистинското залечување.

4 јуни 2021 - 14:20