Кога ги средил правата за книгата, сопругот на Кристина (ќерката на Џоан Крафорд), Дејвид Кунц, добил улога на извршен продуцент иако немал никакво искуство со филмови. Данавеј пак, барала нејзиниот сопруг, Тери О‘Нил, да добие иста таква улога, за да може да ја претставува на снимањето. Според Јабланс, двајцата сопрузи нонстоп биле на нож околу портретот на Крафорд:
„Морав да се справувам со двајца сопрузи, Дејвид ме излудуваше дека Феј пробува да ја ублажи Џоан, а Тери се грижеше дека премногу ја малтретираме Феј и создаваме чудовиште.“
Во 2015, актерката Рутанја Алда (што ја играше Керол Ен) објави мемоари од снимањето со наслов The Mommie Dearest Diary: Carol Ann Tells All. Во нив, раскажува колку било тешко да се работи со Данавеј, чиј метод-пристап целосно ја апсорбирал и ја правел тешка за соработка. Во интервју има кажано и дека луѓето ја презирале Феј затоа што била дрска и безобразна и сите биле на штрек додека работела, а се опуштале кога не била таму.
Алда вели и дека Данавеј го манипулирала режисерот да им одземе време пред камера на другите актери и барала членовите на екипата да се вртат со грб кон неа додека снимала, за да нема публика. Тврди и дека Данавеј била „вон контрола“ кога ја снимала сцената каде што Џоан ја напаѓа Кристина пред новинарка, а Керол Ен треба да ја спречува - Алда добила неколку удари во гради и била бутната на земја неколку пати, а уште една актерка што требала да помага во смирувањето одбивала да ѝ се доближи на Данавеј од страв да не ја повреди.
Со децении Данавеј едвај се одважуваше да го дискутира филмот во интервјуа. Во нејзината автобиографија, накратко го спомнува, во контекст на тоа дека посакувала режисерот да има доволно исксутво за да помогне кога актерите треба да си ја зауздаат изведбата.
Во 2016, Данавеј изрази жалење што ја прифатила улогата и ја обвинила за падот во нејзината кариера. Тврдеше и дека емотивно ја оштетила:
„Навечер, си одев дома во куќата што ја имавме изнајмено во Беверли Хилс и чувствував како Крафорд да е во собата со мене, една трагична, измачена душа што лебди наоколу. Како да не можеше да мирува.“
Инаку, по некоја случајност, Џоан Крафорд во едно интервју во раните ‘70-ти вели дека од „сегашниве млади актерки, само Феј Данавеј може да стане вистинска ѕвезда“.