Биркин Нулта оди на аукција

Ќе се продава првата, најпрвата Биркин торба, направена специјално за Џејн Биркин и инспирирана од неа лично.

Оваа вест не е само за модни магазини - ја пренесуваат и Њујорк Тајмс и Сиенен - аукциската куќа Сотебис ја објави продажбата на првиот примерок на торбата чија прва сопственичка била Џејн Биркин.

Торбата која е синоним за луксуз настанува од потреба, според легендарната приказна.

Жан-Луи Дима, еден од директорите на Ермес, во 1981 година, во авион седел до Џејн Биркин, британската и француска актерка и пејачка. Џејн била млада мајка и со себе носела пренатрупан сламен цегер од кој, додека се обидувала да го смести над седиштето, испопаѓало сѐ, и тоа на сопатникот во скут.

Фрустрирана од малите торби од тоа време, Џејн му се пожалила на Дима дека не може да најде доволно голема торба за во неа да ги стави сите предмети што би и требале секојдневно, особено кога патува со малата ќерка Шарлот.

Инспириран од оваа средба, а на основа на моделот што Ермес на почетокот на 20-от век го дизајнирал за носење опрема за јавање (Haut à Courroies) настанува Ермес Биркин торбата. Имала и простор предвиден за шишенца за бебе.

Ова е веќе 1985. Ѝ го претставиле прототипот на Џејн и побарале нејзина дозвола новиот модел да го носи нејзиното име.

И токму овој прототип сега се продава - нултиот примерок, со препознатливи карактеристики кои го издвојуваат од моделите што Ермес подоцна ќе почне комерцијално да ги произведува. Џејн Биркин оваа торба често ја носела и трагите се видливи - има и траги од налепници од хуманитарни организации, Лекари без граници и УНИЦЕФ што Џејн ги поддржувала.

Во текот на својот живот добила уште четири - првата ја носела до 1994, па е продадена на аукција во корист на водечката француска организација за борба против сида. Потоа е продадена уште еднаш во мај, 2000, откога и е во приватна сопственост.

Џејн Биркин престанала да носи Ермес Биркин во еден момент, а како активистка за заштита на животните, барала нејзиното име да не се користи за моделите од крокодилска кожа.

6 јуни 2025 - 10:32