
Од 50 милиони богатство, во еден момент, Ал Пачино завршил со ништо и морал да прифаќа улоги што никако не му се прифаќале, како што пишува во мемоарите „Сони Бој“.
Не било преку ноќ - уште во 2011 почнал да добива предупредувања дека неговиот сметководител „не е за верување“, ама поверувал само кога веќе било доцна и парите му завршиле во пирамидална шема. Во меѓувреме, со приватни авиони си ги летал пријателите и семејството низ Европа и букирал цели катови од луксузни хотели. Кога видел до каде е работата, од шок му се чинело дека времето престанало да тече.
Во мемоарите пишува и кога ќе заработиш 10 милиони долари на филм, не одат сите кај тебе - има трошоци, агенти, адвокати и слично што треба да се платат, па кај тебе завршуваат само 4 ипол милиони да речеме (нека праша, ние најверојатно ќе знаеме како да ги распоредиме, ако се малку. Притоа, имал 23 мобилни телефони (зошто?!), 16 автомобили, и на пример, за уредување двор (во изнајмена куќа!) давал 400.000 годишно.
Додека да сфати, веќе имал седумдесет и кусур години. За улоги било сè потешко, па морал да прифаќа и реклами и лоши филмови, а и да наплаќа за појавувања за кои претходно не барал пари. Продал и куќа за да се стабилизира и сето тоа помогнало.
На крај, ќе заклучиме дека богот на паметните финансии во ситуацијава е тој што му го уредувал дворот.