Кога ќе се спомне Јованка Броз на што прво помислувате? Освен што беше прва дама на Југославија и сопруга на Тито, веројатно ќе ви текне и на деталите што беа нејзин заштитен знак: црна висока пунџа и фустани што го истакнуваат струкот и деколтето. Е па, тие нејзини фустани, ракавици, токи и чевли сега прв пат се достапни за секого и може да се видат и допрат на изложбата „Јованка Броз во боја“, што ја приредува РТС, со намера да ја промовира актуелната серија „Јованка Броз и тајните служби“, реализирана по повод обележувањето на шеесет години од првата конференција на Неврзаните.
По смртта на Јованка Броз, нејзиниот гардеробер им припадна на нејзините наследници - семејствата Будисављевиќ и Алексиќ, потсетува модниот дизајнер Игор Тодоровиќ, ко-автор на изложбата и директор на проектот, а тие ги имаат предадено на чување во Етнографскиот музеј. Тодоровиќ кажува дека во колекцијата се чуваат над 600 предмети за облекување и бројни чевли и галантерија, како и преписки и лични предмети врзани за стилот на облекување на Јованка Броз. Отворањето на тој гардеробер е импресивно сведочење на колоритот, кроевите, ткаенините, документите, скиците и преписките од едно време кое во иднина може да биде предмет на понатамошни истражувања и анализи. Изложбата „ќе го наговести обемот и значењето на естетиката која се врзува за Јованка Броз, но и за вкупното естетско, занаетчиско, па и индустриско текстилно наследство на земјата во која она ја вршеше улогата на прва дама,“ објаснува Тодоровиќ.
Прво требало да се процени кои предмети од колекцијата се во состојба да го издржат излагањето, а потоа од нив да се избере кои ќе ја претстават „позицијата на првата дама, и тоа од нејзиниот прв протоколарен фустан кога се појавила како сопруга на Јосип Броз, па до нејзините последни јавни појавувања во доцните ’70 на минатиот век.
Облеката на Јованка Броз имаше двоен карактер, оценува Маја Недељковиќ Давидовац, моден дизајнер и костимограф:
Во дипломатските кругови е користена како дипломатско средство за унапредување на меѓународните односи на државите и брендирање на Југославија во светот, а за домашната јавност, со избор на некои поскромни модели, беше елемент за поврзување со пошироките општествени слоеви и средство на новата власт во државата, во федерацијата на народи, да се создаде единствен југословенски, наднационален идентитет.
Партизанката, борец, комунист и прва дама на СФРЈ, Јованка Броз, отмена и елегантна, беше пандан на европската аристократија. Покрај тоа, беше покровител и претставник на домашната модна индустрија. Се знае дека бројни претпријатија, дизајнери и занаетчии во Југославија се грижеа за изгледот на Јованка Броз, но бидејќи нејзината облека не е потпишана, сѐ уште не постојат прецизни податоци од тоа кој сѐ учествувал во изработката. Дали била изработувана во приватни салони во земјата и во странство (од Миле Кавалоти во Ријека до Клара Ротшилд во Будимпешта), во светски модни куќи (од Диор до Ланван) или државни претпријатија (Југоекспорт), или со помош на домашни дизајнери (Александар Јоксимовиќ, Мирјана Мариќ, Анџелка Слијепчевиќ и др.), нејзината облека е уникатна, во повеќето случаи рачно изработена висока мода, по мерка, од врвни материјали, впечатливи бои и атрактивни текстури и дезени.
Колекцијата на облека и додатоци на Јованка Броз претставува единствен спој меѓу западот и истокот, капитализмот и комунизмот, облека на жена воин и елегантна прва дама, висока мода и конфекција, официјален стил на протоколарно облекување и личен стил на Јованка Броз.
Тодоровиќ вели,
Фустанот направен за средбата со британскиот премиер говори за избор што сведочи за познавање на формите и нормите на боите, кроевите и ткаенините, но и за невербалниот појавен манифест во таква прилика. Јованка тогаш се појавува потполно ре-стилизирана - од воен комесар станува дама која може да му парира на светскиот џет-сет. Меѓутоа, како е дојдено до преобразување на мајорот Јованка Броз во социјалистичка кралица на гламурот допрва треба да дознаеме.
На изложбата ќе ги има и реакциите на светската јавност, преку насловни страници од весници во тоа време.
Како сопруга на Тито, Јованка Броз секако беше повидлива од сопругите на другите државници зад железната завеса, но секако и затоа што нејзината појава им беше важна и на нејзиниот сопруг и на државата.
Беше вклучена во модата низ различни активности на тогашната текстилна индустрија, беше чест посетител на модните ревии, а и самата приредуваше модни настани за сопругите на високите странски државници и дипломатски претставници.
На крај и објаснувањето зошто е изложбата наречена „Јованка Броз во боја“ - како што велат од РТС, сите прикажани фустани до сега сме можеле да ги видиме исклучиво во црно-белата техника на весниците и телевизиските емисии. Оваа изложба прв пат ги открива во целост.
И запамтете:
Во свет на Кардашијани, бидете Јованка Броз.