Новата песна се вика „Grrrls“, па просто е чудно како се луѓето изненадени што нема леонардкоеновски мајсторлаци во текстот. Поточно, дел од текстот вели:
‘do you see this shit? I’ma spazz‘
а зборот спаз (на нашки - спазам, грч на мускули) ги вознемирува луѓето што страдаат од церебрална парализа , плус има луѓе што се навредени во нивно име.
Во британски сленг, „спаз“ долго се користи како навредлив и суров термин за човек со инвалидитет. Во американски сленг, како глагол значи губење на секаква контрола. Се разбира, песната на Лизо сигурно не била со намера да навреди луѓе што страдаат од недоброволни мускулни контракции, односно, според самата пејачка, се зборува за танцување и за моќта на женските пријателства.
Како што сме навикнати во денешно време, од неколку твитови се создаде твитер-бура, па Лизо мораше одново да ја пушти песната со ажуриран текст. Како одговор на критиките, на фановите им кажа дека „како дебела црнкиња во Америка, многу често се користеле навредливи зборови за нејзе, па јасно ѝ било каква моќ можат да имаат, без разлика дали се ненамерно или намерно употребени. И доста необично како за јавност што ужива во кансел-култура, фановите беа задоволни од извинувањето и се заблагодарија што ги слуша и ја препознава нивната „болка и бес“.
Лизо не е прв музичар што користи навредливи зборови во песна, ниту прва што се цензурира себеси како одговор на критика. Но, во денешнава клима, на контекстот ретко му се обрнува внимание, а Лизо е запознаена со „моќта на зборовите“, често користејќи провокативен јазик во нејзините песни.
Во една на пример пее,
„Има да му направам како Лорена Бобит, за никогаш веќе да не ебе“, што се однесува на жената која му го отсече пенисот на сопругот на спиење во 1993, после наводни години злоупотреба и силување. Што значи, ако доволно жртви на семејно и домашно насилство се побунат, Лизо може ќе треба повторно да менува песна.
Не дека е цензура да бираш зборови што нема никого да повредат, но контекстот е важен. Секако дека никој не помислил дека Лизо се исмева со инвалиди. Сепак, имаше среќа. На други славни личности не им простуваат така лесно - Скарлет Јохансон сè уште ја следи прифаќањето на улога на транс-маж (се повлече, затоа што интернетот збесна), Сиа тврди дека морала на рехабилитација за да се опорави од критиките за филмот што го направи за аутистично девојче, а ја глумеше неаутистична актерка. И Чајковски немаше среќа - не можеше ни да се одбрани кога Филхармонискиот оркестар во Кардиф го отстрани од репертоар затоа што е - Русин.
Притисокот да се стерилизира секаков уметнички дух, за да не се навреди некој е сигурно напорно за уметниците. Наместо да се очекува да создаваат добри дела, морат да мислат и на Твитер - па и да се консултираат ако треба, пред да напишат нешто. Тоа што ѕвезда од калибарот на Лизо е принудена на вакво нешто, само покажува колку е моќна онлајн критиката.
Но, да одбиеш да газиш на јајца не те прави непријател на напредокот - време е да се покажат заби.