Наспроти некои популарни травел-митови, како дека треба да букираш лет во вторник во 11 навечер - статистички е докажано дека нема идеално време за штедење на летови. Поточно, според некои извештаи, компаниите постојано ги менуваат цените за да се натпреваруваат меѓу себе, па шансата да направите „одлична зделка“ ви е еднаква и во вторник вечер и во петок сабајле.
Сепак, има една симпатична финта што може да ни го разубави животот во однос на патувања - работење од назад.
Вака:
Наместо да барате летови врз основа на дестинација, почнете со моменталната локација како база. Отворете некој од сајтовите за ловење летови (Гугл флајтс, Скајскенер или Кајак), најдете ги најевтините места за посетување до кои има лет од вашиот град и видете кои датуми се достапни.
Ова значи дека ако живеете во Скопје и ви се шета по музеи во Европа, седнувате и го барате најевтиниот лет до било кој град што може да се пофали со музеи, со флексибилни датуми. Недостатокот на овој метод е што можеби нема да стигнете баш до таа локација што ви е желба. Но, има многу позитивно - ќе заштедите и ќе отидете на места што можеби во друг случај не би ви паднале на памет. Според Валисевски, вака се заштедува и до 80 проценти.
Уште еден фин детаљ е хакирање на алтернативни рути, што е особено од помош кога се патува меѓународно. „Ако сакате да одите од една до друга земја, не барајте само директни летови, како што главно и прават луѓето,“ вели Валисевски. „Ако сакате од Њујорк до Прага на пример, сигурно директниот лет не е најевтин. Но, ако користите сајт што собира зделки за летови, можете да ги побарате сите прекуокеански летови од Њујорк и да видите кој е најевтин. Потоа, побарајте кој лета до Прага од местото што ќе го изберете и видете дали можете да си направите конекција.“
Можеби ќе треба да менувате авио-компании што би значело дека од вас ќе зависи како ќе го организирате времето да стигнете на следниот лет. Ако се внимава на тоа, тогаш заштедувате околу 50% од буџетот за целото патување.
И, кај ќе одите?