Го дадоа Хари

Она што вчера се случи, накратко е следното: разведена Американка се мажи за човек чиј брат ќе стане крал, само заради таткото на неговата баба по татко, кој станал крал само затоа што брат му сакал да се ожени за разведена Американка.

Па, забавно беше. Сите си поминаа фино. Како што ќе каже еден од изворите, „церемонијата брзо заврши, за некои петнаесет минути. Па сите отидоа на подиум. Изгледа само сакаа да се журкаат.”

Момент. Оваа изјава е за првата свадба на Меган Маркл, од 2011, на Јамајка. Но добро.

И така, заврши и тој ден, кога Маркл се венча со нејзината вистинска љубов - ама највистинска љубов, засекогаш - во капелата Сент Џорџ во Виндзор. Небото беше со непозната сина боја. Уште од времето кога Елизабета II беше крунисана за кралица под разврнато небо, пактот меѓу добрите вести и лошото време стана некаква национална гордост, но сепак, времето беше фино и топло - настан што е толку редок, што Амал Клуни го поздрави во фустан со боја на течно сонце. Костумот на нејзиниот сопруг пак, со оглед на неговата сјајна сива боја беше исткаен од истиот материјал како неговата брада. Опра Винфри носеше розево и зрачеше со задоволство, и покрај фактот што, затоа што дојде во 15 до 10, мораше да седи на не баш најубаво место, и тоа два часа и петнаесет минути пред главниот настан. Толку била заразна атмосферата, како што сведочи еден член на персоналот во палатата, што дури и Викторија Бекам се заразила. Не дека се насмевнала, но имало неколку моменти кога изгледало дека ќе се насмевне.

Вакво расположение немавме видено уште од Олимпијадата во Лондон, во 2012-та. Обичните граѓани самите почнуваат разговор меѓу себе, наместо да чекаат кучињата да им се душнат. Повеќе од две илјади граѓани беа повикани во дворот на замокот, за да им се гарантира следење на настанот, како благодарност за нивната служба. На пример, една гостинка, Хелен Мек, работела како болничарка триесет години, грижејќи се за смртно болни; друга, Кавита Чепмен не само што е постар менаџер за третман на ментално здравје - кауза што Хари гласно ја поддржува - туку и експерт на комплексниот заплет на Suits, серијата од која што Маркл мораше да се откаже. И очекува големи работи од Меган („Феминистка е”), а и од принцот, затоа што, „Хари отсекогаш бил онаков, ‘Што па да не?’” За двајцата заедно, Чепмен проценува дека „Ќе го променат светот.”

Она што вчера се случи, накратко е следното: разведена Американка се мажи за човек чиј брат ќе стане крал, само заради таткото на неговата баба по татко, кој станал крал само затоа што брат му сакал да се ожени за разведена Американка.

Се разбира, и Маркл кланот си имаше предизвици, сосе стресното прашање околу таткото на невестата - треба ли, може ли да ја испрати до олтарот? И решено беше едвај ден пред свадба (како правило, ако ловците на шокови во таблоидните медиуми, печатени или онлајн, не можат да те уловат како правиш грев, ќе креираат грев за правење и после ќе те одерат што си го направил. И на таква цака се закачи кутриот Томас Маркл). Со тоа што, семејството Виндзор никако не е во позиција да му паметува на семејството Маркл кога се работи за брачна издржливост, освен во примерот кој го дава самата кралица; од сите нејзини четири деца, три се разведени. Принцот Чарлс ја фати под рака Дорија Рагланд, мајката на невестата, и така требаше - затоа што жената на грб ја носеше тешката задача да ја претставува целата нејзина фамилија пред милијарди луѓе. И тоа го направи многу грациозно.

Службата беше изненадувачки кратка, а јазикот на литургијата беше пречистен од стапици. Немаше што Меган да се мачи со многуте имиња на идниот сопруг, на што и нејзината свекрва се сплетка во 1981-ва, кога требаше да му се обрати на Чарлс Филип Артур Џорџ. Ниту пак Хари мораше да се плетка со And thereto I plight thee my troth, фразата на архаичен англиски што ја згрешија толку младоженци пред него. Наместо тоа, рече In the presence of God, I make this vow. Едноставно. И покрај фактот што беше попотресениот од двајцата, зацрвенет од емоции, пред плачење кога прв пат си ја виде невестата, со толкав вел зад неа, застрашувачки мирна.

И пеењето беше прецизно осмислено. Кралскиот хор ја изведе Stand By Me, а пред нејзе беше If Ye Love Me, на Томас Талис. Заедно во комбинација се „Ако ме сакаш, биди покрај мене.” Фино. И на крај, беше Lord of All Hopefulness, чии зборови ги напиша Јан Струтер, кој е случајно и автор на „Г-ѓа Минивер” - книга која, заедно со нејзината филмска адаптација во 1942-ра била доста ефективна во засилување на воената алијанса меѓу Британија и Америка. Умно.

Истовремено, многу го пофалија велот на Меган Маркл, на кој, по нејзина желба беа извезени цвеќиња од секоја нација на Комонвелтот. Има 53, а веројатно многу малку луѓе имаат поим дека една сина охридеја е омилен цвет во Папуа Нова Гвинеја. Но увиџајноста на невестата е она што вреди; и кралицата додека беше принцеза Елизабет, го изработи нејзиниот невестински фустан собирајќи купони (затоа што целата земја била под рестрикции во 1947-ма) за да го плати. Сакаше да биде на ниво, макар и на тој мал начин, со луѓето со кои ќе владее.

Во меѓувреме, на антрополозите кои поминаа години студирајќи ги различните кралски видови во нивната природна околина им беше прејако. Никој не знаеше што ѝ е на Камила, војвотката од Корнвол. Зара Филипс, трудна лежеше шокирана, со раширени раце. Ни на кралицата изразот не можеше да се дешифрира (и најчесто е така), ама беше многу сличен со изразот на Елтон Џон.

И кога бискупот заврши, почна вообичаената служба. И со неколку зборови и уште неколку гестови, принцот и актерката (што едно време ќе беше како почеток на виц), станаа едно. Меган Маркл влезе во капелата како г-ца, а излезе како војвотка - трансмутација што дури и Супермен би го воодушевила, како лик што само менува гаќи во затворен простор. Двојката, сега во брак, излезе на убавото дневно светло, влезе во отворена кочија и замина - и тоа прилично брзо, кон почетокот на нивниот заеднички живот.

Оваа весела приказна има една мрачна страна и тоа има врска со сите невесели нешта што можеа да се случат, но не се случија. Ниеден јавен настан не е ослободен од напаст во денешно време, кога кујнски нож или изнајмено комбе може да се претвори во оружје, и тешко беше да не се почувствува таа закана, како што се приближуваше кралската венчавка.

Во петокот вечер, во Виндзор, полицијата ги запечатуваше црвените сандачиња за да спречи вметнување на експлозиви. Следното утро, цела една авенија беше со паркирани амбулантни коли, од што беше јасно дека се спремни за многу полошо од некој само да се онесвести од жештината. Пристапот до една централна зона мораше да биде преку детектор за метал. И на крај, планот успеа. Не се случи ништо лошо. Љубовта, како што препорача и свештеникот надвладеа.

Најнепријатното беа ликови со очила за сонце, скинати фармерки и фасинатори. И коментарите на некои американски туристки, за тоа кој од вооружените полицајци е позгоден.

Значи среќен ден.

Ентони Лејн, Њујоркер

20 мај 2018 - 14:14