Втората рата од приказната како да сака да ги оправда сите негативни коментари за првата. Како за инат, како да си рекле, „Плитко ви е? Еве поплитко!“ И баш поради тоа е така фино погодена за претпразнично неделно попладне, односно, уште еден виртуелен одмор во пандемија. Пукнете хејтери, Дарен Стар повторно успеа да прошета протагонистка во Париз облечена во гломазни машни, прекратки сукњи и шарени саконца какви што во Париз никој не носи.
Заклучокот е следен: Повеќе од американски, романтичен поглед на градот нема да добиеме, и тоа е во ред. Дури има и обид за демистификација низ дијалог, божем „валкан, со кучешки гомна, заради успешен маркетинг е таков каков што го мислите“. Обидот е се разбира неуспешен, затоа што Емили сè уште зјапа како прераснат шугарглајдер по сите светкавости и романтичности што Париз му ги овозможува на просечниот турист, без разлика што таа баш и не е турист. Модата е уште поекстравагантна од претходно. За Емили и ќе споиме некако, сепак соработува со модни брендови. За другарка ѝ Минди, која е толку шворц и на раб на бездомништво што собира бакшиш пред тоалет во ноќен клуб и живее на трошок на Емили, сценариото не се ни обидува да објасни како е можно да ги шета тие шешири, ракавици и кафтани по улица, кога веќе не сака да чуе да прими пари од нејзиното вонсериски пребогато семејство.
Проблем? Ич. Кој сака брутална реалност си го има Гаспар Ное. За бои, фешн и неверојатни ситуации каде што љубовникот резервира за тебе и за него луксузен хотел во Сен Тропе, па те откачува и ти си ги викаш другарките и си поседувате - постои Дарен Стар.
Повеќе се врти околу љубовните проблеми на Емили отколку за работата овој пат. Повторно се небулозни. Емили е сѐ уште тапа француски. Необјасниво е и зошто некои ликови кои се Французи, или барем неангличани и неамериканци меѓу себе си прозборуваат и на англиски, без разлика што Емили е подалеку. Она што е максимално освежување е американската шефица од прва сезона која заради бременоста не можеше да оди во Париз, па затоа и постои „Емили во Париз“. Овој пат решаваат да ја вратат, трудна до заби, американски напорна и тотално шармантна. Треба да ти оди на нерви, а ја освојува буквално секоја сцена каде што ќе се појави.
Финалето е повторно збогатено со велелепна модна ревија, како и претходната сезона, овој пат со понов, може дури и поекстравагантен дизајнер, чија ревија е частење за сите сетила. Интересното е што овој лик, Грегори Дупре, го глуми Џереми О. Харис, почитуван американски драматург чија не-музичка претстава на 74-то доделување на Тони наградите доби 12 номинации, со тоа кршејќи го претходниот рекорд поставен од Ангели во Америка. Овде, како актер е брилијантен.
И, како и обично, споредните ликови, особено локалните, се сто пати позабавни, со сто пати поинтересни приказни за гледање. Завршува со одличен пресврт и клифхенгер и се разбира дека со задоволство ќе гледам и трета сезона, макар и во париско метро, со ташната меѓу нозе затоа што има доволно џепчии, да на разглас мораат да нè предупредуваат на три јазици.
Одмор си е одмор.
-Јана, Off Cafè