Но, прво, за самото постоење на Оскарите:
„Прво сакам да кажам дека е идиотски што сè уште доделуваат Оскари. Јас сум стара, па ако јас мислам дека е старомодно, замислете колку е старомодно! Со години велам, ова е апсурдно, ова е нешто од друга ера, веќе не треба да го има. На некој начин, како да одржуваат натпревар во правење путер.“
За егото на Вил Смит
„Што се однесува до Вил Смит, еве што мислам: Не можеш да удираш некого затоа што не ти се допаѓа шегата. Неверојатно ми е дека беше истолерирано, а беше. Му дозволија да седи таму цел час, или колку и да беше додека да ја добие наградата.
Вил Смит беше свесен дека е на телевизија. Не е дека му се споиле жичките или нешто слично затоа што многу време помина меѓу двете работи. Не скокна веднаш, прво си седеше, се смееше, иако сум сигурна дека не му беше смешно. Сите знаат, ако седиш таму, тогаш сигурно ќе те има на телевизија, и затоа кога ќе го кажат победникот, снимаат во публика меѓу тие што изгубиле и сите губитници знаат дека ги има на камера и се смешкаат и аплаудираат, иако си мислат ‘Требаше јас да победам!’
Не е прв пат некој да се налути на шега, но ми беше неверојатно дека тој го направи тоа, неверојатно дека му дозволија да седи таму, но најневеројатен ми беше самобендисаниот говор што го одржа, со солзите - кои беа за него - и за начинот на кој зборуваше за себе, што не е ретко во Холивуд. Луѓево за себе зборат како да се држави. Тоа се глумци, не се држави! Јас сум тело, јас сум река - си помислив - ти си бре глумец! Тоа и не е баш највозвишената форма на човечки живот. Говорот беше глуп и ужасен.“
За држењето и молкот на Крис Рок
„Го познавам Крис и една работа што ја знам за него е дека е мал, физички. Не е пренизок, но е мал. Вил Смит е двојно поголем од него, па тоа самото по себе е силеџиство. Крис мудро реши да не каже ништо, и мислам дека тоа е најдобар начин, затоа што - што ќе каже?“
За тоа дали беше скеч
„Многу луѓе ми кажаа дека кога станал Вил Смит, мислеле дека е скеч, но јас не мислев така. Знаев дека ќе го удри затоа што го видов како оди и тоа беше реално. Можев и да видам што мисли, и знаев дека ќе го направи тоа, а ми беше многу јасно дека Крис не сфаќа, затоа што многу е необично некој да стане и да удри некого за време на Оскарите.“
За тоа дека ја бранел жена му
„Едно нешто што ме налути како жена е кога луѓето рекоа дека Вил Смит ја бранел жена му. И си реков, сериозно? Прво, дали Крис ја удри жена му? Ако Крис ја удреше жена му, тогаш ќе требаше да го уапсат, но тој не ја удри жена му, тој кажа шега што не беше смешна. Лоша шега беше. Кажа лоша шега за жена му, но тоа не значи дека можеш да го удриш. Да станеше таа да го удри, ќе беше невидено, но малку помалку страшно од женска гледна точка. Жената може сама да се брани ако треба да се брани.“
За егото на Вил Смит, втор дел
„Беше многу нефер, ако ти е гајле за Оскарите - а мене не ми е - за сите луѓе што ги следеа бидејќи Вил Смит само го одзема вниманието од сите и го задржа на себе, и сѐ уште е на него толку денови подоцна - а тоа, патем, е цел на сите актери.“