
Сè повеќе луѓе во четириесеттите години менуваат професија, започнуваат нови проекти, се преселуваат, учат нови вештини или целосно го менуваат начинот на кој се гледаат себеси. Психолозите ова не го гледаат како криза, туку како природен процес на преиспитување и раст.
Причината е едноставна: во одреден момент човекот повеќе не е мотивиран само од очекувањата на другите. Во младоста често градиме идентитет според надворешни мерила - што се смета за успех, каква кариера треба да имаме, кога треба да основаме семејство или каков живот изгледа „правилно“. По години поминати во исполнување на тие очекувања, многумина почнуваат да го поставуваат потешкото прашање: „Што навистина ми одговара мене?“
Оваа промена не значи дека претходниот живот бил грешка, повеќе може да се гледа како природна еволуција.
Добро, често е и грешка, ама па што ако, грешките се за учење. Личноста која сме биле на 25 години не мора да ги има истите желби како личноста која сме на 40 (50, 60..?). Еден од најголемите предизвици при обновувањето, при повторното создавање на себеси е напуштањето на старата слика за тоа кои сме. Ако цели години сме се дефинирале преку една работа, една улога или една титула, промената може да изгледа како губење на дел од идентитетот.
Психолозите зборуваат за „идентитетска флексибилност“ - способноста да прифатиме дека можеме да бидеме повеќе нешта во различни периоди од животот. Некој може да биде успешен професионалец, а потоа студент. Родител, а потоа претприемач. Инженер, а потоа писател. Ако смениш, не значи дека си го погазил тоа што си бил во минатото - просто, еволуираш.
Интересно е што четириесеттите можат да бидат особено погодни за големи промени. За разлика од дваесеттите, кога често имаме ентузијазам, но помалку искуство, во четириесеттите имаме подобро разбирање на сопствените силни страни, граници и вредности.
Сепак, многу луѓе се укочени од страв - главниот (погрешен) став е дека е „предоцна“ да се почне нешто ново. Дека пазарот на трудот бара помлади луѓе, дека немаат доволно време да изградат нов пат - но бројни примери покажуваат дека зрелоста може да биде предност - искуството, дисциплината и подоброто познавање на себеси често се вредности што доаѓаат со годините.
Денес, социјалните мрежи (од таму учиме за вести и луѓе) се полни со луѓе на и над 40 што објавуваат дека смениле нешто од корен. Задолжително се соочуваат со пречки, предизвици и неверување од околината, а често им успева. Може едноставно треба да се помириме дека е природно да се обновиш после 40, наместо да се држиме до старото „тоа е“ и „доцна е“.