
Луѓето што се задоволни од животот се ослободени од некои нешта што пак како да им се составен дел од денот на мрчаторите и незадоволните.
На пример, не се замараат со:
1. Драма и озборување
Лошо за другите зборуваат само мизерни луѓе, затоа што немаат што интересно да споделат. Вредноста за себе ја мерат преку омаловажувањето на другите и одбиваат да еволуираат во личност за гордеење. Се разбира, не е секое озборување лошо и луѓето на тој начин историски се поврзуваат, ама трошење енергија во постојано зборување за другите е залудно и бескорисно.
2. Натпреварување со пријатели - Убаво е да имаш пријатели што те поттикнуваат да бидеш подобар, особено на стари години, но постојано такмичење со пријател на кој си му љубоморен и му завидуваш, или што ти е тебе љубоморен и ти завидува е непотребно трошење време.
За кого? И за што?
Не мора комплетно да го отсечеме штетниот пријател, но можеме да го ограничиме неговото присуство во нашето секојдневие.
3. Обиди да им се допаднеш на сите
Среќните луѓе не се секираат што мислат другите за нив, дали се допадливи, или на пример, дали ќе воодушеват потенцијален партнер што не им се вклопува во животниот стил. Да, сакаат да остават добар прв впечаток и да формираат конекции, но нема да се променат специјално заради тоа.
4. Да се има најдоброто од сè
Материјалистите се статистички понесреќни, особено поради фактот што вредноста си ја преведуваат во навиките за трошење. Среќните луѓе повеќе се фокусираат на односите, сигурноста и луѓето околу нив. Убавите предмети можат да имаат некакво значење, но не го содржат целото значење.
5. Докажување пред другите - Нема потреба, особено не за да „заработиме“ љубов, внимание, почит или пофалба. Нема потреба да се живее за другите - фокусот треба да биде на она што носи радост и значење. Луѓето што се мерат според тоа што светот го мисли за нив се анксиозни и несреќни.
6. Постојано бркање на следниот успех
Добро, супер е да имаш амбиции - најсреќните луѓе имаат соништа и аспирации без разлика на годините - но постојаното бркање на следното достигнување, без да го цениш она што си го направил досега, те троши и те остава незадоволен.
7. Решавање на секој конфликт - нема шанси. Може ептен ќе имаш среќа баш со сите скарани да се смириш и сите односи да ги поправиш - ама треба стварно многу среќа. Повеќето луѓе ќе останат со барем еден нерешен однос кој не зависи само од нив - и тоа е во ред. А со годините, расте и самодовербата, и многу полесно може човек да се оддалечи од токсична ситуација што просто не е за него, и со поголемо животно искуство научуваш што е најдобро за тебе. Не секој проблем вреди да трошиш време на него.
8. Обиди да ги промениш луѓето
Ако некој сака да се промени - може. Ако ти сакаш некој да се промени - потешко. Не можеме никого да принудиме да ни излезе во пресрет, па - видете под 7.
9. Совршенство
Баталете. Среќните луѓе не се трудат да бидат совршени. Знаат дека не се и дека не мораат да бидат. Се фокусираат на раст, учење, поврзаност и подобрување, наместо да докажуваат дека не прават грешки.
10. Кукање без да смениш нешто
Хроничните кукачи и плачковци само си ги отежнуваат работите - остануваат во постојана состојба на негативност, без да преземат чекори да си ги подобрат животите. И добро, во ред е понекогаш да се испожалиш на некој што ќе те ислуша, но ако е постојано така, ти си дел од проблемот. Среќните луѓе преземаат одговорност за нивните животи, наместо да обвинуваат други и да чекаат некој да ги сожали.