Џорџа О'Киф и прекрасната филозофија на самувањето

Во 1934-та, Џорџа О’Киф ги носи сите свои платна и цела своја уметност на сувата жега во Њу Мексико - местото што очигледно совршено се вклопувало на истата бранова должина со нејзиниот карактер - си дошла дома.

Ако името О’Киф ви е ново, тогаш можеби ќе ви текне на нејзините сензуални булки и лилјани. Можеби ви е познато нејзиното Cow’s Skull: Red, White, and Blue или титулата „Мајка на американскиот модернизам”, и филозофијата „сликај го она што го гледаш но онака како што го чувствуваш.

„Конечно! Жена на хартија!” изјавува галеристот (и иден сопруг на О’Киф) Алфред Стиглиц кога ќе ѝ ги види раните дела во 1916-та. Како човек што си го следи инстинктот, Стиглиц решава да ѝ направи изложба во престижната галерија 291 во Њујорк (прв пат ги носи Пикасо и европската авангарда во Америка), без О’Киф да знае.

Родена е во Висконсин, студирала на Уметничкиот институт во Чикаго и трпела многу патријархални срања. Најпозната анегдота е со колегата Јуџин Шпајхер, кога ѝ рекол: „Јас ќе бидам голем сликар, а ти веројатно ќе завршиш предавајќи сликање во некое женско школо.” Истовремено бил во право и ужасно згрешил. О’Киф навистина предавала уметност во Тексас. И тогаш, нејзина другарка и поранешна соученичка, Анита Полицер му ги покажала на Стиглиц нејзините дела и еве - читаме и знаеме за Џорџа О’Киф. А треба веројатно да имаш над 8-ца на ФЛУ за да знаеш кој е Јуџин Шпајхер (Спејкер, Шпејкер, Шпикер?)

Преписката на О’Киф и Стиглиц, кој бил женет и над 20 години постар од неа се претворила во голема љубов. Од 1915-та, до неговата смрт во 1946-та, си испратиле околу 25.000 парчиња хартија меѓу себе.

До 1924-та не само што биле во брак, туку еден на друг си биле најголеми музи и критичари, живеејќи го сонот на њујоршката уметничка сцена. Стиглиц е талентиран фотограф кој многу сериозно ја сфаќал својата работа. Вели, „Кога создавам фотографија - водам љубов.”

Но, О’Киф сакала да биде сама. Многу сакала. Во еден документарец од 2017-та, нејзината пра-правнука вели дека дури и додека растела „бегала да биде сама и била посреќна кога била сама. Си играла со кукли под некое дрво… Сама.” Од друга страна, Стиглиц бил како дружељубива пеперутка (со огромно семејство). Имало и неверојатна тензија заради нивниот отворен брак и фактот што Стиглиц не сакал повеќе деца затоа што се плашел дека О’Киф ќе изгуби фокус кон работата.

И избегала.

„Кога стигнав до Њу Мексико, тоа беше мое,” има кажано О’Киф. „Само што го видов тоа, беше моја земја. Не сум видела такво нешто.” Летото 1929-та ѝ е прв продолжен престој во новопронајдениот рај. Се вљубува и во ексцентричната Мејбел Доџ Лухан, која станува Гертруда Стајн на Дивиот запад.

Лухан била хостеса на салон, покровителка на уметност и самопрогласена спасителка на човештвото. „Жена полна спротивности. Дарежлива. Мила и доминантна.” Со други зборови, свашта била, ама досадна сигурно не. Се омажила за домороден американец, Тони Лухан и живеела во нешто што личи на замок во Таос, Њу Мексико.

Еден куп луѓе ѝ доаѓале дома, да се сончаат, да пијат текила на покрив, да пишуваат и да сликаат. Игор Стравински, Марта Греам и Карл Јунг доаѓале. Д.Х. Лоренс ги насликал прозорците во бањата со калеидоскопски мотиви. О’Киф уживала.

Денес не само што може да се види имотот на О’Киф, туку може да се спие и во нејзината соба, или во резбаниот кревет на Лухан. Може да се изнајми солариумот за една вечер, можеш да се тушираш меѓу прозорците на Лоренс.

О’Киф веќе била вљубена во Њу Мексико, ама уште повеќе паднала во севдах кога го посетила Гоуст Ранч во 1934-та. Огромната парцела ја поседувал некој концертен пијанист и О’Киф си купила еден дел. На Стиглиц му пишала колку е среќна што конечно може да слика во сред ништо и дека нема да се врати во Њујорк. Не затоа што го мразела него, туку Њу Мексико бил едноставно повозбудлив.

Носела машка облека, во кутија чувала опашки од ѕвечарки, собирала коски од пустината наместо цвеќиња, изјавувајќи дека и се убави како и се друго, и дека се „чудесно поживи од животните што шетаат наоколу.”

Денес, нејзиниот дом и ателјето ги поседува „Музејот на Џорџа О’Киф” во Санта Фе.

На иста локација се наоѓа и женската организација „Сол Мејвен”. Основачите пишуваат:

„Делиме еден сон дека жените ќе добијат дозвола да направат пауза од своите забрзани животи и ќе добијат можност одново да се поврзат со својата автентична личност.”

О’Киф живеела речиси 100 години во нејзиниот пустински рај, и ако нешто може да се научи од тоа, би било дека не треба да се повлече човек само заради идејата на повлекување - О’Киф апсорбирала се околу себе, и тоа среќно. Таа е отелотворување на откровението за кое на повеќето луѓе им треба цел живот да го достигнат - дека ти си тој што го бараш цело време.

извор

22 ноември 2019 - 13:39