Додека се обидуваш да направиш бебе

Сопственичката на Мan Repeller, Леандра и покрај нејзиното ведро однесување, лани му објави на светот дека одвнатре се распаѓа поради борбата до конечно станување мајка. И после триста премрежија, ѝ успеа - роди близнаци само што, има неколку работи што посакува некој да ѝ ги кажел додека се трудела и (освен овој последен пат со близнаците) не успевало.

„Многу чудна работа ми се случи минатата недела, кога другарка ми ми се довери дека е бремена: се напнав и дозволив да ме нападне завист. Веројатно тешко заборава човек на старите навики (Леандра имаше порано текстови дека тешко поднесувала вакви среќни вести од другарки). Откако ми текна што е во моментов реалноста (има две бебиња), зависта сосема ја снема. Но чувството беше доволно јако да ме потсети колку посрано се чувствував секоја минута од цели четири години и ми текна колку беше тешко да се помине „Денот на мајката” кога не си, репродуктивно гледано, она што си се надевала дека ќе бидеш.

Еве шест работи што посакувам некој да ми ги кажеше додека се обидував да го игнорирам Денот на мајката, во случај денес да сте вие на местото на кое што јас бев тогаш.

1. Смееш да си дадеш дозвола, дури и ако мислите дека не смееш, да го игнорираш овој ден (ние може не славиме, ама истото важи и за 8-ми март).

Минатата година не ѝ се ни јавив на мајка ми, што беше себично и безобразно, но таа сфати дека не можев против тоа. Толку бев опседната со сопствената суета и вознемирена, што не ми ни текна дека ја повредувам нејзе. Родителите на мојот сопруг направија свечен ручек, моите свечена вечера. Јас одбив да се појавам на двете. Наместо тоа, останав дома, гледав Френдс, јадев сладолед и чекав да дојде 5 попладне за да можам да си отворам вино и да го наречам тоа хепи аур. Сè уште се сеќавам на иронијата на тој „среќен час”. Она што ќе ми користеше тогаш, а тоа дури сега го сфаќам, беше добра другарка за да го поделиме виното. Сигурно имаш, викни ја.

2. Сама си, ама не си.

Искуството кога се обидуваш да зачнеш е многу изолирачко. Мислиш дека никој не сфаќа, иако има луѓе што поминале низ тоа, но она што го открив е дека да се обидуваш да забремениш е како да се обидуваш да се излечиш од скршено срце, а тоа многу луѓе знаат како е. Страдањето е толку специфично и единствено за оној што страда што не може ни да замисли дека некој друг, дури и некоја поранешна верзија од него некогаш се чувствувала исто, но перспективата ми покажа дека страдањето е страдање, а скршеното срце е скршено срце - без разлика која е причината. Ова не ја подобрува работата, но барем овозможува да замислиш дека можеш да собереш храброст да се отвориш и да побараш сочувство од луѓето на кои најмногу им веруваш.

3. Но сепак, ако не ти се зборува за тоа, не зборувај.

Моќжеби ова е проблем само кај луѓе што сè споделуваат, но во ова време каде што ти изгледа романтично да раскажеш колку ти е тешко, истовремено е важно и да се каже дека ако не ти се зборува, навистина не мораш. Особено затоа што:

4.Премногу ти доаѓа и премногу е стресно да се обидеш да ги апсорбираш сите препораки од секого.

Овој доктор, оној со биоенергија, онаа траварка. Намерите им се искрени и сите ќе сакаат да ти кажат што им помогнало на нив - и јас го правам истото понекогаш, но кога бев таму, тоа што ми требаше е да се смирам, да бидам помалку строга со себе и да разберам дека, само затоа што не ја послушав секоја можна препорака не значеше дека не се трудев доволно. Морав да престанам да закажувам и да станувам сè посомничава на секое ново име или институција што ќе се додадеше на списокот на луѓе/нешта/места што „морав” да ги пробам. Прави тоа што мислиш дека треба, но што е поважно, тоа што е изводливо. Ова е најверојатно совет и за сè друго во животот.

5. Верувај во процесот.

Лесно е да се каже, и не сум ни толку сигурна што точно ќе ти помогне за да поверуваш во трите „најдобри работи” (дека правиш најдобро што знаеш, дека си во најдобри раце и дека, искрено, ти си најдобра). Но за мене, кога се откажав од контролата и си кажав дека сум направила сè што сум можела и дека сега останува на мојот доктор и универзумот да направат да ми се оствари ова, беше моментот кога конечно можев да се опуштам. Конечно.

6. Ако сакаш, ќе се случи.

Ова е последно што ќе го кажам. Процесот на обиди за зачнување е завиткан во тага и очај и завист и секакви ужасни чувства што толку многу сакаш да ги оттргнеш. Но колку повеќе се трудиш да ги нема, толку посилни стануваат. Речиси е невозможно да веруваш дека еден ден ќе шеташ со истата таа количка што сега ја пцуеш додека одиш по тротоар, а уште помалку ти се верува дека и ти ќе славиш Ден на мајката. Но, те молам, верувај ми, ако сакаш и налути ми се, кога ќе ти кажам дека е 2018-та и науката е неверојатна. Исто и дарежливоста на човештвото и луѓето кои разбираат дека науката знае да биде и прескапа. Верувај во добрината на жените кои дозволуваат нивните тела да ти ја остварат желбата, и верувај во твојата природна издржливост која покажува кон една универзална вистина, која не треба само да ја признаеш, туку и да ја апсорбираш: или ќе го добиеш тоа што го сакаш, или ќе го сакаш тоа што ќе го добиеш.

Но, те сфаќам. Знам дека ова никако не го подобрува моментот. Може и го влошува. Затоа, ако сакаш да седиш и да се нервираш, и тоа е во ред. Слободно пожали се, и кога ќе чукне 5 саат, отвори вино. И ќе се лутиме и ќе пиеме. Заедно!”

- Леандра М. Коен

29 мај 2018 - 23:00