Дали денес имаме супермодели?

На пример, Џиџи Хадид и Кендал Џенер станаа нераскинлив дел од секоја модна дискусија. Со огромното присуство на социјалните мрежи и нивната телевизиска историја, тие се најочигледни претставници на новата генерација топ-модели. Но дали се супермодели?

Прва работа што ти паѓа на памет се спотовите на Џорџ Мајкл или некакви вонсериски суштества што се шетаат по писта во Версаче, само што дефиницијата е многу поапстрактна. Лесно е човек да се сети на жените кои го заслужија терминот низ годините - особено во ’90-тите - но во последно време како титулата да се раздава по кој се стигне. Малку ако изгуглате ќе видите дека терминот „супермодел” го користат и за некој што прв пат излегол на писта и за некој што порано бил Инстаграм-ѕвезда.

Порано, се знаеше што е потребно за да бидеш супермодел: Насловни страници, реклами и простор во свеста на поп културата после години и години напорна работа. Не можеше да добиеш етикета „супер” ако претходно немаш постигнато серија кариерни цели, поточно ангажмани кои ќе те направат познат во индустријата. Требаше да се биде и муза и претставник на брендот, а помагаше да се има и договор за производи за убавина или парфем. Мораше и насловна страница на големо списание. Иако сето ова не е многу променето (освен што е сè потешко да се добие насловна страна), она што навистина ги држеше супермоделите на врвот е нивното мајсторско справување со медиумите надвор од модата.

На Наоми Кемпбел, Линда Еванџелиста, Кристи Тарлингтон, Кејт Мос и Синди Крафорд не им треба посебно претставување, делумно и затоа што правеа многу повеќе од позирање. Или снимаа филмови (Кемпбел), или се забавуваа со јаки холивудски фаци (Мос), снимаа реклами (Крафорд), или добиваа неверојатно медиумско внимание со милиони наслови (Еванџелиста), супермоделите имаа присуство кое имаше влијание, или барем привлекуваше внимание на една цела култура. Кога ќе се наврати човек, нивното владеење не беше ограничено на еден „моден месец”; беше мултимедијално искуство што вклучуваше сè, од ток-шоуа, до тематски ресторани (нели, Фешн кафе?)

Ако некој од денешниве се доближил до сето тоа, тогаш тоа се Хадид и Џенер. Нивните кариери се тазе, но сепак до сега успеваат да штиклираат неколку од потребните квадратчиња - во однос на дизајнери, сите се нивни, од Рикардо Тиши до Карл Лагерфелд и настапувале за еден куп луксузни куќи. Имаат соработки со легендарни фотографи - Стивен Мајсел, Питер Линдберг и Инез ван Ламсверде и Винод Матадин. Имаат насловни и кампањи. Хадид ја има на насловна и во средина на италијанскиот Вог и на Нумеро, а Џенер доби една од четирите насловни за 95-годишнината на Вог, со Тарлингтон, Мос и Жизел Бундшен. Имаат и договори со Есте Лодер и Мејбилин, плус место во Викторијас Сикрет.

Но она што најмногу ги доближува Џенер и Хадид до титулата „супермодел” е вниманието што го привлекуваат кога не работат. Во модниот свет, кој инаку сè уште се аклиматизира на фокусот на кликови и лајкови, нивниот бренд на успех често е антитеза на она што порано значеше супермодел - дали Наоми и Линда би го ценеле бројот на лајкови колку што би ценеле едиторијал од Мајсел? Сега можеби, но сигурно не тогаш.

Надвор од индустријата е сосема поинаква приказна. Хадид танцуваше во How Deep Is Your Love на Калвин Харис, а Џенер се појави на Much Music Video наградите во Канада. Сајтови и магазини го документираат секој нивни потег, со посветеност која обично е резервирана за филмски ѕвезди и музичари.

Дека се славни е апсолутно точно и тоа ги става во трка за титулата „супермодел” - дури ни Карли Клос не е толку позната како нив. Дали вниманието што го добиваат сега ќе резултира со успех кој трае со децении како во случајот на Мос и Кемпбел допра ќе видиме, но во моментов, Хадид и Џенер се најблиску до супермодели од сите што ги знаеме.

7 мај 2018 - 12:30