
Некои од најцитираните истражувања, поврзани со работата на израелско-американскиот психолог Даниел Канеман, покажуваат дека секојдневното искуство на родителите не е нужно исполнето со повеќе среќа. Во анализи каде луѓето детално го опишуваат својот ден, грижата за деца често се рангира пониско од активности како дружење со пријатели или едноставно одмор. Не затоа што родителите не си ги сакаат децата, туку затоа што реалноста вклучува умор, одговорност и постојан ментален товар.
Слични заклучоци нудат и други психолози, кои укажуваат дека родителите пријавуваат повисоки нивоа на стрес и пониско моментално задоволство, особено во периодот кога децата се мали. Со други зборови: повеќе грижа, помалку спонтаност.
Но тука приказната не завршува.
Кога истражувачите прават разлика меѓу „среќа во моментот“ и „чувство на смисла“, резултатите почнуваат да се менуваат. Во студии објавени во Proceedings of the National Academy of Sciences, родителите често пријавуваат дека фактот што се родители на нивниот живот му дава подлабоко значење, односно - да, деновите се хаотични, ама барем има „зошто“. Ова ја отвора дилемата: дали среќата е истото што и исполнетоста? Ако мериме само колку често се смееме или колку сме релаксирани, родителството можеби не „победува“. Но ако мериме колку животот ни има смисла, сликата е поинаква.
Дополнително, контекстот игра огромна улога. Во земји со стабилни системи, родителско отсуство и социјална поддршка, родителите пријавуваат повисоки нивоа на благосостојба. Во средини каде сè паѓа на индивидуата - финансии, грижа, организација - притисокот е многу поголем. Не е исто да растеш дете со помош, и да го правиш тоа сам.
Очекувањата исто знаат да бидат тивок проблем, затоа што кога родителството се продава како постојана радост, секој тежок момент изгледа како личен неуспех. А реалноста е далеку понеуредна: љубов и нервоза, гордост и исцрпеност, смисла и сомнеж - а сето ова знае често да се случува и во еден ист ден.
Затоа прашањето „дали родителството нè прави среќни?“ можеби е погрешно поставено. Науката не нуди едноставен одговор, но барем нè потсетува дека родителството не е магична формула за среќа - знае да биде и прекрасно и ужасно тешко - и токму таму лежи тежината на одлуката да станеш родител.