Ослободувањето од стегите на себеомразата мора да почне со свест за она што си го правиме - и кои ни се алтернативите. На пример, може да почнеме да забележуваме дека секогаш кога ќе ни се случи нешто фино, веднаш се прашуваме дали нешто ужасно ќе се случи како одмазда за тоа; дека секој успех мора да се уништи со чувство на страв и вина; дека секој потенцијално пријатен ден ќе заврши во паника или чувство на загуба; дека спонтано замислуваме како сите сигурно нѐ мразат и дека за нас се кажуваат ужасни работи истиот момент кога ќе ја напуштиме просторијата. Ништо од ова на површината не изгледа како мразење себеси. Можеме и да се вадиме дека сме „само насекирани“, или „темпераментни“, но, корисно е да се групираат сите овие идеи под еден единствен наслов за комплетно да се идентификува правецот во кој покажуваат: кон систематско уништување на било какво задоволство да бидеме она што сме - што е, кога ќе размислите, многу грд начин да се однесуваш кон некого. Без да го сфатиме ова, осудени сме на уништување на секаква шанса за задоволство и тоа во најбрз можен рок.
За да добиеме мерка за тоа каде стоиме на спектарот на сакање себеси, би требало да се прашаме многу едноставно прашање (што секако предолго сме го игнорирале): Колку всушност си се допаѓам? Ако одговорот е веднаш и интуитивно полн со омраза, постои некаква историја за која мора веднаш да се размисли, а која така прикладно си ја игнорираме, гњавејќи се себеси.
Но, нема ништо неизбежно во мразењето себеси. Непријатни и нељубезни сме кон себе затоа што некој друг во минатото не бил баш љубезен со нас и опасно сме лојални на туѓите филозофии за поткопување. Но, ако сакаме да останеме живи, мораме радикално да го прецртаме сопствениот морален код и да се вратиме кон љубезноста и престижот кои отсекогаш требало тој код да ги содржи. Имаме научено премногу за недостаток на милост, паника, сомневање во себе и самосожалување. Треба одново да се откријат доблестите на простувањето, милоста, смиреноста и нежноста. И кога ќе испаничиме и ќе се почувствуваме интензивно анксиозни за иднината, треба да ни текне дека всушност она што нѐ загрижува е нашиот фундаментален легитимитет и способност некој да нѐ сака.
Преживувањето ни зависи од брзото совладување на уметноста на сочувството кон себе.