
Филозофот Марк Шродер, професор на Универзитетот во Јужна Калифорнија, укажува на концептот што во филозофијата се нарекува „charity“ - но не во смисла на донација и добротворни политики, туку како интелектуална великодушност. Тоа би значело да се обидеме да ја видиме другата личност како протагонист во сопствената приказна, а не како негативец во нашата.
Во секојдневието ова изгледа едноставно, но ретко е лесно. Некој може да реагира нервозно затоа што е под стрес, уморен или гладен, и во такви ситуации, прашањето е дали секоја остра реченица треба да се сфати како доказ за лош карактер - или како момент на слабост. Да се направи разлика меѓу „шум“ и вистинска намера е дел од зрелата комуникација.
Шродер посочува дека луѓето не се совршено рационални суштества - на однесувањето влијаат замор, хормони, лични грижи, околности. Да се биде великодушен во толкувањето понекогаш значи да се признае дека не секој негативен потег е израз на суштинска лоша намера. И ова нормално не значи да оправдуваш и идиоти, ама подразбира да го разгледаш контекстот на ситуацијата во која се наоѓаш. Не секое однесување може да се објасни со „лош ден“. Понекогаш повторувањето на одредени постапки покажува дека не станува збор за случајност, туку за свесен избор. Во тие моменти, реалноста мора да се прифати таква каква што е.
За жал, во вакво брзо време на живеење, најлесно е да се претпостави најлошото - луѓето со различни политички или културни ставови често ги гледаме како противници, а не како личности со свои искуства и причини за однесувањата. Но кога некого однапред го ставаме во улога на „антагонист“, си ја одземаме можноста да научиме нешто ново. Добродетелната интерпретација не бара согласување, туку малку повеќе трпение и малку повеќе љубопитност. Наместо веднаш да се суди, да се постави прашањето: што ако зад ова однесување стои нешто повеќе од она што на прв поглед се гледа?
Токму таа мала промена во перспективата може да направи разлика - во партнерство, пријателство, работна средина или јавна дебата.