Среќен 8-ми март:

Актерката заради која денес имаме ви-фи

Во Златната ера на Холивуд, во која жените често служат за украс, или за Луис Б. Мајер да се изживува врз нив, има една Хеди Ламар.

Хеди Ламар, актерка со потекло од Австрија, се појавува во многу црно-бели филмски лектири (Ziegfeld Girl во 1941-ва, Experiment Perilousво 1944-та), и во време кога од жените се очекува првенствено да бидат убави - па ќе видиме, Ламар покажува дека нема шанси да остане само на тоа.

Иноватор и визионер

Ламар била во врска со авионскиот магнат и ексцентричен плејбој Хауард Хјуз, кој ѝ обезбедил услови да развие поаеродинамични авионски крила што овозможува авионите нели, да летаат побрзо. И ова е само еден од нејзините предвоени проекти, на патот до станување иноватор и самоук научник.

Нејзините пронајдоци буквално го менуваат светот и влијаат на развојот на најнапредните технологии денес. Во раните ’40-ти, актерката смета дека треба да придонесе кон воените напори: Европа е во пламен, а филмската индустрија во Америка продолжува без проблем. Се обраќа на нејзиниот пријател, композиторот Џорџ Антел, со кој ја продолжува нејзината иноваторска кариера.

Тој раскажува:

„Почнавме да зборуваме за војната, тоа беше летото 1940-та и сè изгледаше црно. Хеди рече дека не ѝ е удобно да си седи во Холивуд и да заработува многу пари додека е таква работата. Рече дека знае многу за муниција и разни тајни оружја и дека размислува да даде отказ од МГМ и да оди во Вашингтон за да ги понуди нејзините услуги во новиот Совет на иноватори.”

Тогаш (па и сега) една од најубавите жени во светот имала искуство со воена опрема, бидејќи нејзиниот поранешен маж од кого има избегано заради неговата поддршка за нацистите, бил производител на муниција и длабоко инволвиран во индустријата за оружје на Третиот рајх. Познат ѝ бил развојот на оваа индустрија до тој степен, што знаела да ги одреди слабите точки на воената технологија што можеле да се корегираат.

Во тоа време, торпедоа оперирани преку радиостаници користеле бежична технологија која лесно можеле да ја прекинат непријателски линии, и како резултат на тие мешања се случувало и да го сменат курсот. Ламар овде гледа можност да развие апарат способен ефективно да се справи со било какво мешање од страна на непријателот. Користејќи принцип базиран на оние хартиени ролни за автоматско пијано, односно ова:

направила сигналот постојано да скока, и со тоа да стане невозможен за следење. Овој принцип овозможувал линијата, а со тоа и торпедото, да има 88 можни фреквенции (бројот на клавиши) создавајќи случаен код, познат само на тој што го контролира торпедото. Вака, сигналот станува многу отпорен на вмешување и речиси невозможен за пресретнување.

Иако се правеле експерименти на темава во раниот 20-ти век, со откритија кои ги имплементирале дури и Германците во Прва светска војна, овој пристап е по заслуга исклучиво на Ламар и Џорџ Антел.

Мажите од инат губат години и години воена предност

Во 1942-ра го патентирале пронајдокот и го понудиле како подарок на Американската морнарица. За жал, за време на војната, војската била особено сомничава околу патенти што доаѓаат од надвор. Александра Дин, продуцент и режисер на филмот „Бомба: Приказната за Хеди Ламар”, во нејзиното истражување ја открива и реакцијата на морнарицата:

„Кога им го дала, рекле, ‘Што сакаш да направиш, да ставиш автоматско пијано во торпедо? Марш!’ И не го искористиле за време на Втората светска војна. Дури после тоа се појавило како начин за тајно комуницирање на сите гаџети што ги користиме денес.”

И стварно, пронајдокот не го сфаќале сериозно до многу после војната. Широкосежната радио-врска што скока фреквенции ја откачиле и се изгубила низ многуте документи во архивите на морнарицата. Плус, се сметало дека патентот е тешко да влезе во масовно производство, и најјакото: морнарицата била премногу конзервативна за да се помири дека жена е способна за такво неверојатно откритие.

Ај таму нека си цртка у кујна, нека не пронаоѓа многу-многу.

На ова се навратиле за време на Кубанската криза, и тогаш прв пат го искористиле. Тогаш воените авторитети прв пат го виделе полниот потенцијал на радио со широк спектар. А подтип на ова - Frequency Hopping Spread Spectrum, води до развојот на блутут, ГПС и ви-фи технологија.

Денес не можеме ни да го замислиме животот без овие пронајдоци, но улогата на Ламар во нејзиното откритие е заташкана низ историјата. Нејзините придонеси не биле познати сè додека не дошла таквата технологија во широка употреба.

Дури во 1997-ма, научната заедница официјално го признава здружениот напор на Ламар и Антел. И на двајцата иноватори им биле доделени признанија за значителен придонес за општеството.

До ’90-тите, Хеди Ламар е веќе неподвижна и не може да ја подигне наградата лично. Сепак, испратила снимка од себе за да се заблагодари, без разлика што признанието не можела да го добие повеќе од половина век.

А вие ова го прочитавте на ви-фи.

Па ќе си го земам роденденот на Хеди Ламар за куќна слава.

8 март 2018 - 10:14