Во завршните зборови на судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, тројцата обвинети Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски негираа дека ги извршиле. Дел од нив признаа соучесништво во грабнување, но негираа дека првичниот план бил егзекуција.
Велибор Манев остана на тврдењето дека со Боре Видевски мислеле оти киднапираат возрасна жена од влезот која Палевски ја следел. Откако виделе дека е девојче, барале од Палевски да ја ослободи но тој ја фотографирал, ја распрашувал кои ѝ се мајка и татко, па преку перниче ја застрелал.
Боре Видевски побара ослободителна пресуда бидејќи бил жртва на „монтировка“ и не ни бил со групата кога киднапирале и убивале.
Адвокатот на обвинетиот Влатко Кешишев, во завршните зборови го нарече својот клиент заложник и жртва во корист на искористување туѓи идеи и интереси.
Адвокатот на Александар Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ образложуваше дека таткото на Вања е неправедно обвинет и побара ослободителна пресуда. Вели дека таткото на детето воопшто не им бил потребен на обвинетите за да им даде упатства за времето кога девојчето ќе излезе сама од домот за да оди на училиште бидејќи според доказите, обвинетите претходно веќе имале план за грабнување а подоцна и за егзекуција.
Британија и Франција постепено ќе го укинат договорот за размена на мигранти според принципот „еден внатре – еден надвор“, бидејќи биле депортирани премалку лица.
Од склучувањето на договорот во август 2025 година па заклучно со 1 октомври годинава, во Франција биле вратени повеќе од 1.500 нелегални мигранти, а во спротивна насока биле префрлени нешто помалку од 1.500 легитимни баратели на азил во Британија.
Проценетите трошоци за шемата изнесуваат 56.000 фунти по вратен мигрант, што достигнува вкупна сума од околу 84 милиони фунти.
За споредба, во истиот период повеќе од 40.000 нелегални мигранти пристигнале во Обединетото Кралство со мали чамци.
Лондон бил подготвен да го продолжи договорот, но Париз одбил, со образложение дека сака шема за враќање на ниво на целата Европска Унија.
Изминатиот септември беше првиот по 32 години во кој немало ниту еден ураган во Атлантикот. Ова се случило само три пати досега – во 1994, во 1972 и во 1962 година.
Просекот е 7 урагани во сезона, од кои 2 до 3 се во септември.
Аномалијата се смета за последица на пацифичкиот климатски феномен Ел Нињо, за кој се предвидува дека годинава ќе биде најсилен досега.
Оваа година може да биде првата без ниту еден ураган во Атлантикот откако во 1950 година почна да се води прецизна евиденција. Во просек во октомври се формира по еден ураган годишно, а повремено може да има и во ноември.
Најмалку, само по два, имало во 1982 и 2013 година.