- Романскиот премиер Марчел Чолаку поднесе оставка, неполни 24 часа по убедливата победа на евроскептикот Георге Симион во првиот круг од претседателските избори.
- Социјалдемократите на Чолаку освоија најмногу пратенички места на изборите во декември и формираа влада заедно со центристичките либерали и партијата на етничките Унгарци.
- „Оваа коалиција повеќе не е легитимна. Идниот претседател и онака ќе ме разрешеше“, изјави Чолаку.
- Георге Симион освои 41% од гласовите во првиот круг од претседателските избори, двојно повеќе од градоначалникот на Букурешт, Никушор Дан, со кого ќе се соочи во вториот круг на 18 мај.
- Симион најави дека ако стане претседател, за премиер ќе го постави Калин Георгеску, десничарскиот кандидат што победи на редовните претседателски избори во декември, пред да бидат поништени.
- Израелските министри одобрија план за воена окупација на целиот Појас Газа на неодредено време.
- Окупацијата ќе се проширува постепено, веројатно со месеци, се додека не биде уништена милитантната група Хамас и не бидат ослободени израелските заложници.
- Планот опфаќа префрлање на стотици илјади Палестинци во јужните региони од Газа, влошувајќи ја до крајност хуманитарната катастрофа.
- Откако во март пропадна примирјето, израелските сили сега контролираат околу 50% од малата палестинска енклава и строго го контролираат доставувањето хуманитарна помош до околу 2 милиони Палестинци.
- Израел ги известил Обединетите нации дека ќе ангажира приватни компании да пропуштаат по 60 камиони хуманитарна помош преку преминот Керем Шалом и директно да дистрибуираат пакети од по 20 килограми за секој жител.