- Шефицата на Европската комисија преживеа уште две по ред гласања за недоверба во Европскиот парламент, со поддршка од мнозинството европратеници. Доверба ѝ беше изгласана и во јули, кога беше обвинета за аферата „Фајзергејт“.
- Урсула фон дер Лајен се соочи со две иницијативи за недоверба. Во првата десничарскиот блок Патриоти за Европа ја обвини за лошите климатски политики на Европската комисија и за трговските договори со САД и со земјите од Меркосур. Се тврдеше дека договорите го загрозуваат земјоделството. Фон дер Лајен беше обвинета и за лошо управување со кризата со нелегалната миграција и за нетранспарентност. Оваа иницијатива ја поддржаа 179 пратеници, а 378 беа против.
- Левицата исто така ги оспори трговските договори и нетранспарентноста. Нејзиното главно обвинување против Фон дер Лајен беше неуспехот да се справи и со климатската и со социјалната криза низ Европа, како и недејствувањето против бруталната израелска војна во Газа. Резултатот на ова гласање беше 133 „за“ и 383 „против“.
- Стабилната поддршка од социјалистите и либералите се толкува како знак дека сите иницијативи за недоверба на Фон дер Лајен ќе бидат надгласани. Шпанскиот европратеник Хорхе Буксаде сепак предупреди дека „има толку многу причини за недоверба што би можело да има гласања на секои два месеца“.
- И социјалдемократите ја предупредија шефицата на ЕК дека е крајно време да испорача резултати. „Ако за половина година не видиме ништо од ветувањата за приоритетите на социјалдемократите, ќе има нови критики“, изјави германскиот европратеник Рене Репаси.
- Протекување на повеќе од 15 милиони внатрешни документи на „Дојче банк“ откри дека банката системски ги прекршувала прописите и во повеќе наврати овозможувала трансакции за олигарси под санкции, авторитарни режими и Џефри Епстин.
- Во 2019 година, германската банка проследила сомнителни трансфери од 582 милиони долари поврзани со Епстин, кој истата година почина во затвор.
- Во март 2017 година по грешка испратила до свој клиент детали за даночната пријава на американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговиот прв мандат и на уште 1.585 други корисници на сметки. Клиентот ја пријавил грешката и го избришал документот Пропустот бил прикриен од Белата куќа.
- Досиејата исто така содржат детали за трансакции за кои има сомневања дека се перење пари за руски олигарси.
- Записите откриваат дека банката не пријавила предупредувачки знаци за перење пари во Кипар, Британија, Хонг Конг и Украина, која префрлила стотици милиони евра преку нејзините системи.
- Специјалниот суд во Хаг му изрече казна од уште 17 месеци затвор на Хашим Тачи поради попречување на службено лице, мешање во кривична постапка и непочитување на Судот за време на долгогодишниот судски процес што се водеше против него.
- Судот ги прифати наводите од Обвинителството, според кое судењето за воени злосторства се одвивало во атмосфера на постојано заплашување, поради што некои сведоци ги промениле своите искази.
- На лица што го посетувале во притвор во 2023 година Тачи им откривал идентитет на некои сведоци, доверливи информации за судењето и им давал упатства какви искази треба да даваат идни сведоци.
- За обвиненија за попречување на правдата, изречени им се казни од 12 месеци затвор на Башким Смакај и на Фадил Фазлиу.
- Хашим Тачи на 16 септември беше осуден на 25 години затвор поради воени злосторства на Косово во периодот од април 1998 до јуни 1999 година, кога беше командант на ОВК.