- Италија стана една од ретките земји што за посебно кривично дело го прогласи фемицидот - убиство на жена поради нејзиниот пол. Парламентот едногласно го усвои законот со кој е предвидена доживотна робија за фемицид.
- Законот ќе се применува за случаи на убиства за кои ќе се утврди дека биле поттикнати од омраза, дискриминација, доминација или контрола само поради тоа што жртвата била жена. Ќе бидат опфатени и одмаздничките напади врз жени што раскинале врска, вклучувајќи и закани и следења.
- Повод за законот беше убиството на Џулија Чекетин пред две години. Нејзиниот партнер ја избодел со нож и телото ѝ го фрлил во езеро. По ова злосторство, владата го засили финансирањето за центри за згрижување жртви на насилство и за кампањи против насилства врз жени.
- Статистичката агенција на Италија објави дека лани имало 106 дела на фемицид, од кои 62 биле извршени од партнери на жртвите. Хрватска, Малта и Кипар се единствените земји во ЕУ што воведоа фемицид како правна дефиниција во кривичните закони. Во светот нема општо прифатена дефиниција.
- Трамп го испраќа емисарот Стив Виткоф идната недела во Москва, а армискиот секретар Ден Дрискол во Киев за да ги разработат последните отворени точки од мировниот план за крај на војната во Украина.
- „Во изминатата недела мојот тим направи огромен напредок за да заврши војната помеѓу Русија и Украина. Оригиналниот план се доработува со забелешки од двете страни и преостануваат само неколку точки на несогласување. Се надевам дека ќе се сретнам со претседателот Зеленски и со претседателот Путин наскоро, но само кога договорот за крај на оваа војна ќе биде конечен или во завршна фаза“, изјави Трамп.
- Трамп го опиша оригиналниот американски предлог од 28 точки како „концепт“, а не како план. По американско-украинските разговори во Женева, новата верзија на документот е скратена на 19 точки.
- Зеленски изрази надеж дека ќе се сретне со Трамп во Мар-а-Лаго на Денот на благодарноста, но по изјавата на Трамп тоа е малку веројатно. Зеленски инсистира во преговорите да бидат вклучени и европските сојузници на Киев, кои не отстапуваат од намерата да испратат мировни сили во Украина за да го гарантираат примирјето. Тоа Москва категорично го отфрла.