- Суд во Цеље го ослободи поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша од обвиненија за корупција и злоупотреба на функцијата.
- Јанша ги отфрли обвиненијата како обид да го отстранат од политиката спроти парламентарните избори во 2026 година. Лидерот на опозициската Словенечка демократска партија беше премиер три мандати.
- „Наспроти фактот дека ова е јасна фарса, победата не е целосна. Нашата борба не завршува тука“, изјави Јанша по пресудата.
- Тој беше обвинет дека во неговиот прв мандат во 2005 година ја злоупотребил функцијата при продажба на плац за да купи стан во Љубљана. Ослободени од обвиненија се и директорите на две компании што учествувале во зделката.
- Јанша во 2013 година веќе отслужи казна од две години затвор, поради примање мито од финската одбранбена компанија Патрија.
- Хрватска до крајот на годинава ќе ја постави правната рамка за темелно воено оспособување. Воениот рок ќе трае два месеци.
- Регрутите ќе имаат право на парична накнада од околу 1.100 евра месечно, покрај сместувањето и исхраната. Времето поминато во касарните ќе им се смета во работниот стаж и ќе имаат предност за вработување во јавни и државни служби.
- Се воведува и можност за цивилно служење на воениот рок. Оние што ќе се повикаат на приговор на совест, ќе имаат две опции.
- Првата е служба од три месеци во Цивилната заштита, при што ќе бидат обучени за реакција при итни ситуации, како пожар, поплава или земјотрес. Тие месечно ќе добиваат по 250 евра
- Другата опција е четири месеци физичка работа во локална самоуправа - чистење канали, косење трева и слично. Сè уште не е договорено дали тоа ќе им се смета како работен стаж.