Норвешката војска самата се шпионирала за Кинезите

Решавајќи логистички проблеми со транспортот на резервисти, норвешката територијална одбрана потенцијално доставила чувствителни снимки до Кина. На војници што учествувале на воени вежби им организирала превоз со изнајмени кинески автомобили со камери што снимаат сè наоколу. Членката на НАТО продолжила да ги користи дури и откако бил откриен пропустот.

Учесник на големите воени вежби во септември изјавил за весникот „Дагенс Неренгслив“ дека автомобилите изнајмени од Домашната гарда снимале видеозаписи од патниците, нивните рути, дури и шифрите што ги внесувале на воените капии. 

Возилата биле изнајмени од компанијата „Херц“, која во норвешка е оперирана од „Волво Карс“ – шведска компанија во сопственост на кинеската групација Geely. Според норвешките медиуми, биле користени најмалку два електрични автомобила од марката Deepal, која е дел од кинескиот производител Changan.

Пред изнајмувањето никој не проверил дека овие возила имаат вградени уреди со функции за снимање на околината и на патниците.

Снимениот материјал опфаќа кој влегувал и излегувал од автомобилите, каде возеле, кого превезувале и колку време се задржувале на различни локации. Снимките исто така ги забележуваа пристапните шифри што војниците ги внесуваа за да ги отворат воените капии и врати, изјавил поручникот Фредрик Бланк.

Дури и откако реагирале некои војници, Гардата продолжила да ги користи автомобилите до крајот на вежбата бидејќи немало други достапни возила.

Според норвешките медиуми, снимките биле избришани од автомобилите по завршувањето на вежбата, но не е јасно дали камерите во автомобилите Deepal биле подесени да снимаат стандардно, дали видео-материјалот воопшто бил испратен до сервер ниту дали норвешките вооружени сили ќе забранат употреба на возила во кинеска сопственост или производство на идните вежби.

„Волво карс“ го отфрли тврдењето дека кинеската сопственост претставува безбедносен ризик и соопшти дека никакви податоци не можат да се споделат со Geely без правна основа. 

Маневрите „Hovedstad“ одржани од 14 до 18 септември беа најголемата вежба на Норвешката територијална одбрана годинава. Околу 5.000 војници од окрузите на Осло и Акерсхус изведуваа обука низ регионот на главниот град, вклучително и околу зградите на парламентот и владата. Дел од вежбата беше фокусиран на заштита на аеродромот во Осло „Гардермоен“ во услови на војна.

14 октомври 2026 - 08:49