Европските дипломати редовно се среќаваат со претставници на талибанците во Доха и Истанбул. На 23 јуни првпат била одржана средба на територијата на ЕУ. Петмина претставници на талибанците, кои пристигнале во Брисел со лет од Истанбул, со црни комбиња под придружба на белгиски полицајци во цивилна облека биле придружувани до хотелот „Новотел“ близу меѓународниот аеродром, каде што ги очекувале повеќе од 20 претставници од 15 европски земји.
Европејците разговарале за механизми за враќање на имигранти и воопшто не ја отвориле темата за кршењето на човековите права во Авганистан. Организатори на состанокот биле Европската комисија и Шведска, а според извори на Њујорк тајмс, присуствувале и функционери од Грција, Австрија, Полска и Норвешка.
Пред да заминат од Брисел, бидејќи добиле визи за само еден ден, петтемина делегати одржале билатерални разговори со најмалку четири европски земји. Побарале поголемо дипломатско присуство во Европа, финансирање на проекти за реинтеграција на депортираните лица и поширока економска поддршка.
Сухаил Шахин, амбасадорот на талибанците во Катар, објаснува дека во интерес на Европа е да обезбеди економска помош за ограничување на миграцијата.
Ако се загрозени од невработеност и економска криза, Авганистанците ќе одат како поплава во Европа, предупредил Шахин.
Групи за човекови права тврдат дека соработката на европските влади со новите власти во Кабул ги изложува депортираните Авганистанци на репресија.
Европската Унија не може да ја осудува репресијата во Авганистан додека соработува со талибанците, вели Ферешта Абаси од организацијата Хјуман рајтс воч.

Германија беше првата земја од Европа што го отвори каналот за преговори со Кабул. Во Германија живеат повеќе од 500.000 Авганистанци, од кои повеќето се со легално право на престој. Околу 20% од барателите на азил во земјата се Авганистанци.
Владата на канцеларот Фридрих Мерц, која се соочува со притисок од јавноста и од опозициската партија АфД да ја заостри политиката кон мигрантите, лани постигна договор со талибанците за директни летови за депортирање Авганистанци осудени во Германија, заменувајќи ги дотогашните аранжмани преку трети земји.
Во февруари со првиот лет според договорот беа префрлени 20 осудени авганистански мажи од Лајпциг до Кабул. Германија потоа продолжи да депортира и мажи без кривични пресуди. Досега, според владата на Мерц, биле депортирани 263 Авганистанци. Жените остануваат заштитени. Во првата половина од оваа година речиси 95% од Авганистанките добиле азил во Германија.
За да се олеснат депортациите, талибанците испратија свои службеници во авганистанските дипломатски мисии во Берлин и во Бон, што се смета за неформално признавање на власта на талибанците во Кабул. Русија официјално е единствената земја што ја признава талибанската власт.
Поучена од искуството на Германија, Шведска ја организирала новата средба во Брисел за да договори депортација на 200 авганистански државјани осудени за кривични дела. Париз разгледува сличен аранжман за авганистанските државјани кои живеат нелегално во Франција и претставуваат „ризик за националната безбедност“.
Конрад Шетер, директор на Меѓународниот центар за студии на конфликти во Бон во Германија, оценува дека давањето помош за развој води кон финансирање на талибанската влада и зацврстување на нивната власт, а потоа и укинување на меѓународните санкции.
Талибанците имаат реална моќ во преговорите. Европските земји се под толку голем притисок што се подготвени да склучат каков било договор за да ги отстранат мигрантите осудени за криминал, вели Шетер.
******
Види и: Мерц ќе ги признае талибанците за да им депортира мигранти