Мерц ќе ги признае талибанците за да им депортира мигранти

Германскиот канцелар практично веќе ја признава легитимноста на талибанските власти во Кабул, во обид да склучи договор со милитантната група за депортација на мигранти во Авганистан. На талибанците ова им овозможува да го развеат знамето на Емиратот во Берлин и да се вратат на меѓународната сцена. Австрија и Белгија внимателно го следат развојот, за да се уфрлат во шемата.

Германија е првата земја од Европската Унија што воспоставила врски со талибанските власти, иако официјално не ги признава за легитимни. По повлекувањето на американските сили од Авганистан, Берлин ги прекина дипломатските односи со Кабул.

Наскоро ќе имаме договор што ќе ни овозможи да депортираме лица во Авганистан со редовни летови. Службеници веќе водеа технички разговори со властите во Кабул, изјави неодамна германскиот министер за внатрешни работи Александар Добриндт.

Во почетокот, според министерот, ќе бидат депортирани азилантите што веќе се осудени за извршени кривични дела, но ја остави отворена можноста за депортирање на Авганистанци без заштитен статус.

Под притисок од домашната јавност и од десничарската Алтернатива за Германија, канцеларот Фридрих Мерц постојано ветува дека ќе ја засили депортацијата на нелегални мигранти на кои им е одбиено барањето за азил. Авганистанците, по Сиријците, се втората најголема група меѓу имигрантите што бараат азил во Германија.

Пред неколку месеци со авион од Германија беа испратени во Авганистан 81 лице осудено за кривични дела. Еден лет имаше и лани, кога канцелар беше социјалдемократот Олаф Шолц. И двата лета беа договорени со посредство на катарски дипломати. 

Владата на Мерц сега директно соработува со талибанците за да го зголеми бројот на летови. За да се олесни комуникацијата, на талибанците им е дозволено да ги користат авганистанските конзулати во Германија. Тие во Берлин планираат наскоро да го кренат бело-црното знаме на Исламскиот емират, кое го развеаја во Кабул кога се вратија на власт пред четири години.

Австрија и Белгија се отворено заинтересирани за шемата.

Германската влада е пример со нејзиниот пристап кон миграцијата, вклучувајќи ги и плановите за депортација на Авганистанци осудени за кривични дела, забележа белгиската министерка за миграција. Анлин ван Босујт. Таа додава дека Виена би можела да ги искористи врските што ќе ги изгради Берлин за да организира заеднички депортации.

Враќањето во конзулатите низ Европа би било голем успех на талибанците во обидите да се легитимираат на меѓународната сцена. Нивната власт во Кабул официјално е признаена само од Русија. 

Плановите на Мерц може да бидат блокирани и од Европската конвенција за човекови права, која ги обврзува потписничките да не депортираат луѓе во земји во кои им се заканува прогон, мачења и смртни закани. Талибанските власти не даваат цврста гаранција дека ќе бидат заштитени основните права на Авганистанците што ќе бидат вратени од Германија.

Авганистанските граѓани кои извршуваат злосторства во други земји, секако, се лично одговорни за своите постапки, но тие исто така ја претставуваат авганистанската нација. Откако ќе се вратат, со депортираните лица ќе се справува Министерството за внатрешни работи, согласно Шеријатскиот закон, изјави Абдул Матин Кани, портпарол на авганистанското Министерство за внатрешни работи.

17 октомври 2025 - 10:59