- Државниот секретар Марко Рубио повика на расформирање на Меѓународниот кривичен суд, за кој тврди дека се меша во воените и полициските операции на САД.
- Во колумна во Њујорк тајмс тој ги повика сите земји што добиваат поддршка од САД да му ја откажат поддршката на МКС. Во спротивно, може да бидат под засилен американски надзор и ќе се соочат со забрани за патувања, поништување визи и други санкции.
- „Мешањето на Меѓународниот кривичен суд во американските воени и полициски операции не претставува само сериозно пречекорување на неговите наводни овластувања. Тоа би значело крај за САД како суверена и независна нација. Нашите одлуки и нашиот народ би биле препуштени на милост и немилост на МКС и неговите соработници во „меѓународната заедница“. Да се прифати МКС значи да се откажеме од контролата врз нашата национална судбина“, истакна Рубио.
- Трамп уште лани воведе санкции против судии од МКС, главниот обвинител Карим Кан и специјалната известувачка на ОНа Франческа Албанезе, откако судот објави меѓународни потерници по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот Јоав Галант во врска со воени злосторства во Газа.
- Се шпекулира дека администрацијата на Трамп може да го санкционира трибуналот како целина. Тоа значи дека на Американците нема да им биде дозволено да работат со МКС, а лицата, банките или компаниите што соработуваат со судот би се соочиле со парични или затворски казни.
- Москва го осуди планот на Европската Унија да го прекине грантот од 2 милиони долари за Венециското биенале поради тоа што организаторите на престижната културна манифестација ѝ дозволија на Русија да отвори свој павилјон.
- „Обидите за бришење на руската култура, една од најбогатите цивилизациски култури на Земјата, се тажен развој на настаните. Всушност, руската култура отсекогаш била извор на меѓусебно збогатување и за Русија и за земјите каде што била присутна“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
- Потпретседателката на Европската комисија, Хена Виркунен, објасни дека побарала од Европската извршна агенција за образование и култура (EACEA) да го прекине грантот за Венециското биенале, бидејќи „културата во Европа треба да промовира демократски вредности - што не се почитува во денешна Русија“. Комесарката за надворешна политика Каја Калас уште во април побара да прекине финансирањето.
- Италијанската опозиција ѝ изрази поддршка на Москва. „Културата не смее да биде цензурирана, уметниците не се војници“, изјави лидерот на партијата Венето, Лука Заја.