Основниот суд во Куманово му изрече казна доживотен затвор на 25-годишниот Трајче Бојковски од Старо Нагоричане, прогласен за виновен за четири убиства и два обида за убиство на жени.
Осуден е за убиствата на Станче Каровска, Јанка Антевска, Марија Маринковска и Мира Станковска. Кривичните дела ги извршил од јануари 2025 до февруари 2026 година, а жртви барал меѓу повозрасни и немоќни жени кои живееле сами.
„Обвинетиот сериски убиец зјапаше во таван, неговиот адвокат дигна раце“, известивме за време на судењето.
Најпознатиот руски воен блогер Михаил Звинчук е приведен во Црна Гора под обвинување за ширење пропаганда и дезинформации од Кремљ.
Неговиот канал „Рибар“ има 1,5 милиони следбеници на платформата Телеграм.
Премиерот Милојко Спајиќ изјави дека службите за безбедност реагирале на информациите дека основачот на влијателниот канал може да ја дестабилизира Црна Гора преку кампања на дезинформации.
Заедно со Звинчук биле приведени и неговата сопруга и уште три лица. Им биле запленети софистицирана дигитална опрема, дронови, електронски уреди и телефони.
Имале намера да снимат документарен материјал за најавеното усогласување на визната политика на Црна Гора со стандардите на Европската Унија.
„Попусто нашите луѓе талкаат низ европските земји – дури и со добри намери и важни цели. Всушност, објавен е лов на сите Руси... Не помагаат ниту визи, ниту покани, ниту какви било други гаранции. Секој може да биде уапсен...“, реагира поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев и предупредува: „Сега, по сè изгледа, ќе мораме да го надополниме нашиот фонд за размена со европски и американски идиоти за да си ги вратиме нашите луѓе“.