Мекици/Тиганици/Пишии

Да поносталгишаме: Сабота сабајле е, а ти си средна школа. И остај шо си средна школа, туку и се будиш мртов мамурен. Стечајците во желудникот веќе го започнале својот штрајк. Урлаат, викаат, бараат некој да ги запосли. Испровоциран од буката, одиш во кујна. Прво се танкираш со тихоокеански количини вода, камили да ти подзавидат. Откако пожарот е изгасен, се фокусираш на храната. Душкаш наоколу и на работната маса забележуваш ‘нешто’ завиткано у најлон ќеса. Хормоните за возбуда почнуваат да јуришат кон твојата полу-пијана тинејџерска амигдала, пеперутките, или во овој случај љиљаците во стомакот почнуваат да лудуваат, крвта заклокотува како вода у црвено ѓезве со бели бобици. Во Индијана Џонс манир, радознало се приближуваш кон најлонскиот објект. Внимателно ја откриваш ќесата, а во неа: Топли мекици!!! Милина!!! Сцена ко од детска сликовница: уште еднорог, ѕуница, розеви пони коњчиња и тиркизно водопадче да излезеа од ќесата...

Некој од твоите женски родители помислил на тебе, ѓубре едно адолесцентно. Веднаш вадиш кисело млеко, сирење и инстантно ги вработуваш стечајните протестирачи кои само што не ги фрлиле молотовите коктели.

А сеа, да премотаме малку назад и да видиме шо тоа правела мајка ти/баба ти додека ти си сонувал плејбој зајачици:

Веројатно ставила 10-тина грама сув квасец и 100 милилитри топла вода во длабок сад. Малку промешала со рачен миксер алијас жица, за квасецот да се активира. Потоа додала 200 милилитри јогурт, едно јајце и промешала уште еднаш. И на крај 400 грама брашно. Веднаш се препуштила во домаќинската кардио вежба, такозвана месење.

Месела и месела, едно 10-тина минути, се додека не добила мазна тестена топка. Топката ја вратила назад во длабокиот сад, садот го покрила со кујнска најлон фолија и крпа. Го оставила тестото 2 часа, да стаса. Супер рима.

Откако тестото ‘надошло’ го извадила на даска премачкана со зејтин. Го премесила уште еднаш, минута време. Во меѓувреме во тенџере сипала зејтин и го загреала на тивок оган. Почнала да кине мали парчиња од тестото, да ги оформува како топчиња и потоа со стисок да ги сплескувала во форма и големина по желба.

Секое парче го пржела во зејтинот минута до две по страна. Откако мекиците биле испржени, ги складирала во длабок сад на кој биле поставени упивателни салфети, со цел да го соберат маслото што останало по овие топли и меки тестени убавици.

И така, лесен е животот тинејџерски кога има друг да ти го бере гајлето.

Магаре едно неблагодарно.

Кирил Стоименов – магаре едно неблагодарно

22 мај 2022 - 09:08