
Белата боја отсекогаш ми била сомнителна (каков драматичен почеток). Се претставува како чистота, мир, рај, нов почеток - кобајаги, а всушност е најдобриот камуфлажен костум на празнината. Белото е платното пред првиот потег, листот пред првата реченица, стихови од Аца Лукас. Бела е и куварската престилка, пред да се исфлека. Па да ја исфлекаме.
Ќе спремаме бело врз бело: бакалар во бешамел сос. Навидум сосема погрешна комбинација, ама токму затоа функционира. Ќе му дојде нешто како разговор меѓу двајца луѓе што немаат што да си кажат, а сепак совршено се разбираат. Во овој судир на едноставности има некоја чудна поезија. Смирувачки баланс. За да не продолжам за патетизирам, се фрламе у акција:
Состав
- 500 грама свеж бакалар, исчистен и исечен на парчиња
- 3 лажици путер
- 3 лажици брашно, за да му даде на бешамелот ’рбет
- 500 мл млеко, бело, вистинско, никако веганско. Кој ли ги молзи тие бадеми, ме интересира?!
- Малку сол и црн пипер
- Мускатно оревче, колку да го разбуди сосот
- Магдонос и буковец за декорација, затоа што и минимализмот сака малку боја
Постапка
1. Бакаларот: Свеж бакалар е фина работа. Осуши го со хартија, посоли го, попипери го и прелиј го со малку маслиново масло.

2. Забешамелување: Во тава растопи путер. Додај брашно и мешај, без паника. Ќе личи на нешто расипано, ама тоа е дел од процесот. Кога смесата ќе стане златна, полека сипи млеко, не сè одеднаш, туку со фино дозирање. Мешаш додека не добиеш фина густина. На крај додај сол, пипер и мускатно оревче.

3. Свадба у бело: Во истата тава нареди ги парчињата бакалар. Врзи ги во брачен договор со бешамелот, полиј го преку нив, рамномерно.

4. Финален чин: Нека крчкаат заедно на среден оган 7-10 минути. Вака рибата останува сочна.

Бојадисуваме со ситно сецкан магдонос и буковец. Резултатот е царски: бел, мирен, миризлив и некако целосен. Риба што не бара ништо и сос што го прифаќа тоа. Може и вино. Бело!

Кирил Стоименов - камен белутрак, од оние за притискање туршија