Off Topic

Убава идеја, за жал неупотреблива

Некои згради во Скопје имаа предвидено можност да фрлаш ѓубре од дома, преку метален канал во лоџија, кој го спроведуваше ѓубрето до подрум. Не траеше тоа долго. До првиот идиот кој ќе го затнеше каналот пробувајќи да избутка стара табуретка низ него. Така би завршило и ова, кога некој билмез од трети спрат ќе реши да ги завари шипките.

Шаман ги повикува духовите на Бугарите

Со помош на автентичен шаман, бугарски археолог  решил да ги повикува духовите на пра-Бугарите. Каде? Обаче, во Монголија, некаде кај центарот на пра-Бугарите на Аспарух. Духовите се покажале контактибилни но се пожалиле дека многу чекале. А шаманот, во средбата со нив знаел малку и да потклекне (уби ме прејак бугарски дух), по што во живот го враќаат со цигара со непознато полнење. 

Како Роџер Вотерс дозна за апартхејдот во Израел

Се возел по Западниот брег кон градот Јенин. Забележал дека барем имаат убави патишта. Соговорничката  му рекла: Да, ако си Евреј. Од прва не му се верувало дека во таа земја, во Израел, по некои патишта е забрането да се движиш ако си Палестинец. 

Хорор во име на науката

Еко-историчарите го имат прогласено американскиот хемичар Томас Мидгли Јуниор за човек кој ѝ нанел штета на Земјината атмосфера повеќе од кој било друг човек во историјата. А само се бавел со наука и решавал постоечки проблеми. Така измислува две работи: оловен бензин и фреон. 

Глумци бараат тинтрање

Режисерската легенда од 70-тите години, Вилијам Фридкин (Егзорцист, Француска врска..) раскажува како е да се работи со различни актери (Томи Ли Џонс, Бенисио дел Торо, Ник Нолти) и како некои од нив знаат да го тупат. Бенисио на пример, за да влезе во ликот, му било битно да му се каже што тој лик правел кога имал 12 години. 

Злосторство и казни

Бројни уметнички варијанти и видувања има на оваа тема: од оригиналната на Достоевски, преку Кафка и Ками па до Folsom Prison Blues на Џони Кеш или I Fought the Law на Клеш. Овојпат малку поинаку: злосторството е едно пеење а казните се интернет коментарите.

Правнук ли е „Лудиот“ на Анте Павелиќ?

Актуелниот претседател на Чиле, Габриел Бориќ, по потекло е од хрватскиот остров Угљан, но таа фамилија има мигрирано уште во 1897 година. Многу поинтригантна е семејната историја на новоизбраниот аргентински претседател: наводно мајка му на Хавиер Милеи, Алисија Луциќ, е внука на усташкиот поглавник Анте Павелиќ кој во 1948 бега во Аргентина.    

Харвард, храм на неслободата

Не знаеме дали ја фативте таа вест, ама престижниот Харвард годинава успеа да добие полош извештај и од оној на Европската комисија за Македонија. Некаде во септември, тој беше прогласен за најлошо рангиран американски универзитет во поглед на слободата на говорот. Муабетат Морган и Питерсон, кому екс колеги од Харвард му кукаат какви времиња дошле.

Песно моја, прејди на друг

Иако снимкава предизвика многу зајадливи коментари од типот „вака ли изгледа победничка војска?“, „украинската војска е полна со млади и мотивирани војници“и слични сеири, дечкиве стварно се греота. Елем, на регрути на Украина им викнале некоја певаљка малку да ги развесели. Ко да не им е јасно дека одат во кланица. Пазете ги тие лица.

Дали капитулацијата вака изгледа?

Најмногу што полицијата на Лос Анџелес може да превземе во врска со криминалот и грабежите што им се случуваат по нивните улици и продавници, е да ги предупреди граѓаните да не изгледаат скапо, а ако се затекнат сред групно пљачкосување да најдат место да се скријат.

Златно славејче на израелски начин

Семето на омразата не само што одамна е посеано е таму, туку својски се работи на јакнење на новите фиданки. Израелска ПР компанија пушти видео на песна која се вика „Пријателска песна.“ Во неа деца од Израел пејат како за една година ќе ги уништат сите во Газа. „За една година таму ќе нема ништо а ние безбедно ќе се вратиме во своите домови.“ Баш пријателска песна.

Како ќе запреш човек што тргнал пешки од Африка кон Европа?

За луѓе кои се навикнати на бенефитите и мрза-френдли поставеноста на модерниот живот, речиси и да е невозможно да ја поимуваат одлучноста на човек кој решил дека ќе стигне до Европа па макар и пеш. Како кого било од овие ќе го вратиш назад?

Вечерата на Ши

Да имаше Ол-стар викенд на ЦЕО-а на најголеми американски компании, банки и фондови, немаше да успее да собере толку директори колку што успеа Ши на вечерата организирана во Сан Франциско дур тој беше во посета на САД.

Никој не тргнува да ја освои Украина со 190.000 војници

Џон Мершајмер го расклопува доминантниот западен наратив дека Путин и Русија во војната влегуваат со намера да ја освојат цела Украина, а потоа да продолжат со остатокот од Европа. Како што ќе објасни професорот, Германија тргна да ја освојува западна Полска со 1,5 милиони војници, што ќе направи Путин со неполни 200.000 против цела Украина?

Принципи ко принципи, американски

Актуелнава американска администрација ја имаше таа несреќа во рок од две години да и се случат две војни, една со еден нејзините најголеми душмани, друга со еден од нејзините најблиски партнери, а тоа најтешко паѓа на американската дипломатија.

Басара: Мистиката на алкохолизмот

Kаква е таа реалност која како магла ја растеруваат неколку децилитри вотка? Нешто не е во ред со таа реалност. Не со реалноста, ќе речат трезвењаците, со сетилата. Добро тогаш, што правиме со такви сетила? Како да им веруваме? Ништо не е во ред ниту со сетилата ниту со реалноста; јадни конвенции, лажни како и секојдневната куртоазија.

Ова е Северна а не вие

Многу надреално изгледа и звучи кога од Северна Кореја, во сиот оној дисциплиниран слетовски дизајн, ќе грмне песна како „I Want to Break Free“од Квин. Огромен хор, огромен оркестар, огромен лидер... Млади корејски скоевки во миничи, некои од нив на гитари, на бубњеви, додека дебелкото аплаудира со цигара во рака. Дејвид Линч не би го извел ова подобро.

Кога новинар ќе го запнат ко што треба

Опа! На Пирс Морган му се случи сачекуша, слична на онаа што тој му ја правеше со Џереми Корбин (види „Кога новинар ќе запне ко што треба“). Колумнистот Овен Џејмс го соочи со фактот дека во Газа се убиени 15.000 цивили, што, во размер на украинската ситуација, би изнесувало 300.000 цивили. И како сега Русите прават геноцид, а Израелците не?

Дејна Вајт го демолираше Пелотон

Вајт е на подкаст кај Тео Вон. Низ муабетот Вајт разбира дека Пелотон, инаку еден од спонзорите на подкастот, наводно по наговор на својата маркетинг агенција, му се јавил на Вон и побарал од него да не го пушта подкастот со Роберт Кенеди (демократ и кандидат за претседател на САД). По ова следува лекција од Дејна Вајт што треба да се учи на факултети по предмет „Медиуми и куроболие за уцени од спонзори.“

Заговорничка теорија на денот: Титаник е наместена работа

Почнува со Илуминати и со Џон Џејкоб Астор. Првите сакаат да ги оформат Федералните резерви на САД, вториот е пребогат и има интерес тоа да не се случи, па со таа цел подмитува политичари. Првите затоа почнуваат со изградба на брод со кој ќе пловат сите најбогати луѓе на светот. За премиерното патување карти купуваат Ротшилд, Морган, а меѓу другите и Астор. Ротшилд и Морган на ден пред тргање откажуваат, Астор останува.

Кога новинар ќе запне ко што треба

Пирс Морган го нагази лабуристот Џереми Корбин со прашање дали Хамас е терористичка организација. Да беше тоа муабет на наша телевизија, соговорникот нешто ќе замуљаше па водителот ќе решеше да прејдат на следната тема (или на реклами). Не оди тоа така кај Морган. Тој истото прашање одново и одново му го поставуваше на Корбин, едно 17 пати.

Варуфакис: Европа е готова

Замислете голема меѓународна мировна конференција за Украина, вика поранешниот грчки министер за финансии. На големата маса ќер седи Американецот, Кинезот, Русинот, Украинецот... Кој на таа маса ќе ја застапува Европа? Урсула фон дер Лајен? Онаа која е таму кајшто е само затоа што Ангела Меркел не ја сакаше во својот кабинет па за да ја батали ја прати во Брисел?

Дечки, каде бе со тоа џихадот?

Кристофер Хиченс, еден од наjдослeдните атеисти (тука се и Рики Џервејс, Бил Мар...) сосема отворено со некој навреден од насловот на неговата книга (Бог/Алах не е голем). Му вика, најтоксична форма на религиозност е исламизмот, неговата идеја дека сиот свет треба да заврши под шеријатски закон а дека најдобриот начин да се стигне до тоа е џихадот. Тачдаун.  

Да не си му во кожа на Блинкен

Во моментот кога новинарката го праша Бајден дали уште го смета Ши за диктатор, на министерот за надворешни работи на САД му беше јасно дека работата нема да заврши на добро. Одговорот на Бајден беше „ДА“, реакцијата на Блинкен беше „требаше да учам за слаткар“.

Ако не ви се свиѓа, гитла!

Американските протести за Палестина едно изненадија што покажаа зачудувачки раширено чувство на анти-семитизам во земјата, друго, што истите тие демонстранти удрија и по земјата во која се сами дојдени без никој да ги вика или бара. Меган Кели не знае на што повеќе да се изначуди, ама затоа нуди решенија - ако не ви се свиѓа, да ве нема од тука, и онака не ни требате.

Јапонија е закон

Јапонија има закон за пакување според кој сликите на пакувањето на најразлични прехранбени производи мора да бидат со големината на производот што е спакуван во нив.

Пациент

Ниту некој го тера со сила, ниту има изгубено кладба, напротив при чиста свест и совест, и што е уште пострашно од мерак, ликот решава дека треба да се бута во овие дупки. Пациент!

Аууу, каква статива!

Го местат. Го викнале на муабет и го прашуваат за бившата. Кој кому раскинал, му фали ли, такви работи. Овој се разнежнува пa им кажува како му е на срцето. Не знае дека разговорот го следи и неговата бивша. Крајот е замислен како хепиенд, тие двајца повторно да се сретнат. Само што, треба да ги слушнете неговите последни зборови за да ви стане јасен насловот.   

Џо Пеши да ти пеел

Разбравме случајно преку Реј Романо (со кого беа заедно во The Irishman):"„Таман кога мислев дека не можам повеќе да му се одушевувам на Џо Пеши, разбрав дека тој знае и да пее!“ И стварно, на 25 години, во 1968 година, Пеши го има издадено албумот Little Joe Sure Can Sing! со преработки на хитчиња. И чкарт да беше, ќе ни се свиѓаше. А не е чкарт.

Младите од ридот

За едни верски задрти млади Евреи, задоени од токсичните идеи на рабинот Кахане, кои прават зулими по Западниот брег. Ќе дојдат на рид, ќе закуцаат знаме и ќе го сметаат тоа за истурена позиција на Израел. Да видите какви „вук је у нас домаќа животиња“ се тие предели. Ничег нема, јој. Па сепак, попрво од камења ќе го исчистиш тој крш отколку од омраза.