Затворена 111 години старата боемска кафана во Атина

По повеќе од еден век постоење, познатата атинска кафана „Мурја“ (Дудинка) ги затвори вратите. Основана пред повеќе од еден век, таа не била само место за кафе и ракиичка, туку една од препознатливите точки на боемската и левичарска култура во Атина. Во неа со децении се среќавале писатели, уметници, поети, политичари, лекари, адвокати, радикали и револуционери. 

Сопственикот на кафаната „Мурја“ (со акцент на а-то, според стара дудинка што стоела пред дуќанот) во атинската населба Егзархија, Христос Ванас, цели 44 години го одржувал кафанскиот ритуал: секое утро во седум часот ги отворал големите железни врати, а во саботите доаѓал уште во пет, за да ги послужи продавачите од уличниот пазар со ципуро. Последната вечер (завчера, 31 октомври), по долгото испраќање на редовните гости, кафаната засекогаш замолчи.

Формално, причина за затворањето е истекувањето на закупот. Сопствениците на зградата одлучиле да не го продолжат договорот, а обидот кафаната да биде прогласена за заштитено културно наследство не вродил со плод. Петицијата за нејзино зачувување ја потпишале околу 7.500 луѓе, но Министерството за култура не интервенирало. За редовните гости, меѓу кои има луѓе што со децении доаѓале речиси секој ден, ова не е само затворање на уште еден локал, туку личи на погреб на пријател. 

Но затворањето на „Мурја“ е и последица на пошироката трансформација на оваа населба, некогашното средиште на левичарската солидарност, отпорот, радикализмот и анархистичкото движење во Атина. Нејзиниот политички дух е поврзан и со востанието на Политехничкиот факултет во 1973 година, кое придонесе за падот на воената диктатура една година подоцна. Во последната деценија, меѓутоа, бројот на туристи во грчката престолнина има повеќекратно пораснато, а тесните улици со графити стануваат привлечни за инвеститорите. Се отвораат нови продавници и кафулиња, старите згради се претвораат во апартмани за краткорочно изнајмување, а натписите на англиски јазик стануваат сè почеста глетка.

„Мурја“ се обидела да му се спротивстави на тој процес. Не го менувала менито, не ги зголемувала цените и не ги следела модните трендови со италијански кафиња и аперол шприц. „Бевме како последната тврдина“, вели Арети, ќерката на сопственикот. За неа, зачувувањето на старите навики не било само деловна одлука, туку и начин да се одбрани духот на местото. Особено вознемирувачки било кога туристичките платформи почнале да нудат тури низ омилените собиралишта на левичарите, претворајќи ја и политичката историја на населбата во туристичка атракција. Во меѓувреме, изградбата на метро-станица на главниот плоштад, поддржана од конзервативната влада како дел од „уредувањето“ на населбата, донела засилено полициско присуство и го одзела просторот каде што жителите се собирале.

Затворањето на „Мурја“ оттаму се вклопува и во поширокото исчезнување на традиционалните кафани низ Грција, што е карактеристика и на повеќе центри низ Европа. Иако земјата денес има развиена „кафе-економија“, со сè повеќе модерни локали, старите „кафенија“ во градовите и селата постепено исчезнуваат, а со нив и местата што биле средиште на секојдневниот живот и локалната заедница. 

Снимка од последната вечер

извор

1 November 2026 - 10:07