Off Topic

Вака идните генерации ќе учат историја

И денес и отсекогаш историјата се учела полна со бројки, датуми, задолжително разликување „повод“ од „причина“... Доаѓаат генерации на кои сето тоа ќе треба да им биде дополнително преџвакано и кажано на начин кој ќе го разберат - визуелно и динамично. Еве ја лекцијата за Сараевскиот атентат и почетокот на Првата светска војна.

Кога стивнатите јагниња ќе преминат граница

Наш човек не може да не земе нешто храна за одмор ама двајца другари од Куршумлија ја однеле играта на друго ниво. Во Пефкохори решиле да земат јагне. Не сечено, транжирано, криено, туку цело, интегрално јагне. Приказната е со хепиенд, освен за нивните жени на кои после пет дена, и душата им мирисала на бачило.

Триесет и три правила, одбери барем некое

29. Не праќај гневна порака. Напиши ја, преспиј ја, избриши ја. 22. Исклучи ги сите нотификации освен оние на кои би реагирал и во три саат ноќе. 11. Научи се да кажеш „не знам“ без да се извинуваш. 8. Не се карај со некој кој ужива во карањето. 6. Имај еден пријател кој е 20 години постар од тебе и еден 20 години помлад од тебе.

Го знаете ли ефектот на Барбара Стрејсенд?

Во психологијата тоа се вика „психолошка реактанса“ - колку повеќе  притискаш нешто да се скрие, толку повеќе луѓето го бараат тоа. Како кога ќе ти кажат, „не гледај десно“ и одма ти допаѓа да погледнеш баш десно. Ако нешто сакате да тргнете од интернет, не ни помислувајте на тоа.

ТВ дуел какви веќе нема

Сакавме да пишеме да ја споредите луцидноста и досетливоста на гостите во оваа ТВ емисија од 1991 година со излижаниот шпил гости кои циркулираат на нашите телевизии, ама подобро немојте. Присутни се нашиот Циле и стариот Ѓилас но главните фајтери се новинарскиот булдожер Александар Тијаниќ и Иван Звонимир Чичак. Прво Тијаниќ доминира ама и Чичак ќе се соземе и ќе почне да враќа.  

Македонски колбас со ајвар

Јутјуб каналот 2 Guys & A Cooler (речиси 300.000 следачи) прават драгоцени туторијали за колбаси, салами, суво зреење месо и слични онтолошки теми. На ред им дошло да направат домашен македонски колбас (свинско и јагнешко) кој на крајот изгледа сочно и неодоливо. Имаат интересни финти иако некои детали не ни се најјасни, особено ајварот. 

Човек на човека му е пингвин

Таман ќе стигнеш некаде, таман ќе се исправиш на нозе и таман ќе помислиш дека можеш на другите да им кажеш: 'е, сега може да ми гризнете од газов' и одма ќе се најде абдал кој ќе сака да ти ја исполни желбата.

Кодот на Сербезовски

Одиме против себе и сите убавини кои сме ги доживеале со овој епски хит на легендарниот Мухарем Сербезовски, само за да пробаме одново да ја слушнеме песната, овојпат со едно поинакво читање: можно ли е да е ова најуспешно камуфлираната геј химна евер?

Слобода за себе

Ниеден врвен спортист од марката хомо сапиенс никогаш нема да може да си дозволи ваков степен на хегелијанска слобода. Ама имаме нов рекорд? Ама кочи да ви покажам нешто!

Нацијата што престана да сонува

Дел од документарецот на Neil deGrasse Tyson (еден од најбрилијантните научници на денешницата), за тоа зошто САД се откажа од вселената. "Колку би платиле за Универзумот?"

Чергиче против кражби

Старата добра "да му умре козата..." адаптирана за систем за одбрана од крадци во "комшијата има подобра коза."

Дефиниција за скапа женска

Вашата нека биде размазена, нека бара што сака, само да не биде како неа. Бидејќи таа мириса на нешто скапо веднаш штом ќе отвори уста.

Саша Греј има поента

Девојката нема проблем со правата (нив ги има), туку со платата. И тоа не со нејзината, туку со вашата.

Словачка има Бетмен

И суперхеројот на Словачка прави се што може да им помогне на своите сограѓани. Исто како и вистинскиот Бетмен, и тој изгледа опасно кога ќе ја стави својата маска и ќе се шмугне во темнината на ноќта. Да ве запознаеме подетално.

До каде ќе добаците?

На пример, имате 45 минути и ви се вози точак. Сервисов ќе ви покаже до каде можете да стигнете. Има опција да ја задоволите љубопитноста и за кола и за пешки. И додека го разгледате сервисов, ви поминале 45 минути. А вие одморни. Интернет, корисна работа.

Рики Мартин на слободата

Вo казахстанскиот регион Костанеј се отвора некое регионално првенство во скијање. Локалниот чауш одржува пригодна реч и потоа сите се подготвени да ја слушнат државната химна.

Зимска Ф1

Која е една работа што бескрајно многу може да ја подобри која било Ф1 трка? Снег на патеката. Еве како тоа изгледа и тоа Нинбургринг.

Туристички Оскар

На Саемот за туризам во Берлин се одржа Туристичкиот Оскар, на кој се натпреваруваа 92 промо филмови од 28 држави. Победи филмот за Алберта, Канада - Не заборавај да дишеш. Од Балканот, единствено Хрватите освоија награда, за најдобра музика за промо видеото "Ода на радоста."

Приказна за еден постер

Оригинално направен за време на Втората светска војна, "Keep calm" постерот заглавува во магацин и чека да има премиера во јавноста дури во 2000-та. Од тогаш постерот се претвора во поп феномен.

Бавча на младоста

Женава се храни исклучиво од својата бавча, нема пробано ништо зготвено и пие дождовница ама затоа има 70 години а изгледа како штотуку да наполнина 40. Во редакција се согласивме: супер, ама, не се исплати.

Каква е оваа ситуација?

Градска е оваа ситуација! Сите аплаузи за младата и згодна мултитаскинг девојка која за момент го разубавела Скопје до толку да личи на некој нормален град.

Реплика за пред пензија

Пред 25 години на 6-ти март беше премиерата на Смртоносно оружје (да, толку време помина), речиси неважен филм кој неповратно влијаеше на цела генерација филмови и тоа само со една реплика.

Тронови се ближат

Таман ако сте помислиле дека ама ич не ви е гајле кога ќе почне "Game of Тhrones," еве трејлер од втората сезона кој комплетно ќе ве разубеди. Блазе тие што уште ја немаат гледано ни првата сезона, имаат цели 10 епизоди за уживање.

Љубовта е (будење од) сон

Некои двојки собираат пари, некои собираат долгови а некои спомени од заеднички романтични моменти. Двајцава весели црепови собираат видео докази кој како бил зезнат додека спие. Чудно е што воопшто имаат храброст да заспијат.

Беше еднаш во Милано

Мерак е кога сакаш лоши италијански акции од 70-ти, а имаш доволно пари да ги собереш Гатузо, Снајдер, Матераци и Коби Брајант, а Кастелари да ти го режира видеото.

Кога нема Фотошоп и онлајн е добро

Ако си професионалец не постои програм што може да го замени Фотошопот. Ама, кога ќе заглавиш на тазе инсталиран компјутер или на туѓа машина, зорт претставуваат и најмали задачи како менување на големина или сечење на слика. Еве букмарк за такви ситуации.