Off Topic

Државата е некому мајка, некому над-мајка

Мајка од Вирџинија седум години ќе се наоѓа на државниот регистерот за злоупотреба и занемарување деца затоа што го пуштила својот 5 годишен син - сам да прошета надвор. Добила и 6 месечна условна казна затвор. Живеат во кварт кој е заштитен со ограда и има чувар. Малиов посакал да собира гускини пердуви покрај локалното езерце, мајка му го пуштила бидејќи оделе таму заедно и го знае патот. Е, не може тоа така.

Гушнат поп, мирно село

Среде неделна миса, жена го обвинила пасторот дека сексуално ја злоупотребил кога имала 16 години. Свештеникот Џон Лоув го признал делото, рекол дека тоа било погрешно и се покајал. Што направија после тоа верниците од оваа конгрегација во Индијана? Се собраа околу него за да го гушнат во молитва и да му понудат прошка. Жената не беше гушната.

Претседателот кој трпи тежина

Сме виделе и слични вакви па да го видиме и него. Претседателот на Монголија дига 100 кила на бенч. Да потсетиме: Румен Радев се вртеше на шипка за тресење килими а Александар Вучиќ не можеше да си дозволи да му попушти на еден клинец па му залупа банана. Туку, ќе видиме ли видео како Силјановска прави 10 клот-фркет за неполна минута?

Летечкиот килим не е спорен

На Икс се појави видео со објаснување дека настанот се случува на небото над Иран каде човек на летечки килим срушил американски авион од типот Ф-15. За среќа, на Икс постојат „забелешки од заедницата“ кои знаат да фрлат драгоцена дополнителна светлина врз некое тврдење. 

Како се вика најобратно од далтонист?

Еден наш пријател кому не му верувавме дека е далтонист, му покажавме од оние онлајн тестови (кои се користат и за возачка) со шарен круг во кој е впишана бројка. Кога го прашавме што гледа, одговори: Капричиоза! Од друга страна, 11 годишно девојче од Германија, за секунди најде кај е грешката во круг полн со шарени точки. На едно место фалела плавата!

Зеленски можеше да избегне војна

Андриј Богдан, поранешен началник на кабинетот на Зеленски, сведочи дека во 2019 година (пред да почне војната) Владимир Путин лично му пристапил со мировен предлог: да им се даде на луѓето од Донбас посебен заштитен статус и да се стави крај на крвопролевањето на украинските државјани кои зборуваат руски. Каков бил одговорот на Зеленски? Ете, гледате на вести.

Хитлер победи

Ова го вика 83 годишната британска актерка Миријам Марголис која е Еврејка. “Хитлер победи затоа што нè направи исти како него“, вели Миријам која признава дека никогаш во животот не бил волку засрамена од своите кои се имаат претворено во геноциден народ кој на други им го прави тоа што нив им било правено.

Газдарица на денот

Ромеро Брито е бразилски уметник кој прави и продава прилично скапи џиџи-миџија во кои комбинира кубизам и поп-арт. Ама, бил во некој ресторан и прилично дрско и понижувачки го третирал персоналот. За тоа дознава газдарицата, го наоѓа уметникот и купува негово парче од 5.000 долари, само за да му го искрши пред нос! Сега Брито има пет бона во џеб ама па сите го знаат дека е сељачиште.

После боцкање има каење

33 годишната Катја отишла на анти-ејџинг процедура кај лиценциран лекар во чија ординација ѝ шибнале шкарт ботокс. „21-от век и ова расипано и болно општество, поединечно ја натера секоја жена да стане дебил,“ со каење признава денес Катја, сета збумбарена и деформирана. „Старејте онака како што е ред и најдете некој што ќе ве сака таква каква што сте.“

Каде се туристите?

Пар мапи кои го покажуваат размерот на туристите во однос на локалното население. Католичката енклава во Рим позната како Ватикан е без конкуренција а во топ 10 се  Андора, Сан Марино, Малта, Бахамите... Oна што е Ватикан во Европа, во САД е Западна Вирџинија. Не до толку, ама сепак со највисок размер. 

Не џабе е сама

Дечково со јак француски акцент махерски ги симнал карактеристиките на оние жени/женски кои толку долго биле соло што станале неспособни да влезат и издржат во врска. Тие ја сакаат идејата да бидат во врска, ама мора ли тој баш и физички да биде присутен? Во нивниот живот, таква женска ти дава улога на посетител на некој музеј. Башка што веќе три години таа спие дијагонално на својот кревет.

Кај нормален бербер и кај воук фризер

Замислете го вашиот бербер, пред да почне да работи на вашата глава, да ве праша: Дали е во ред ако те допрам? - А како инаку мислиш да ме шишаш? - би гласел најверојатното контра- прашање. Е, ама во еден друг универзум, дали е во ред да те допрам е сосема легитимно прашање. Бидејќи без дозвола, може да следува врескање, хистерија, тужба за сексуално малтретирање.... 

Пивнатиот граѓанин Кејн

Орсон Велс најмногу сакал негрони (џин, вермут, кампари) но ниеден алкохол не му беше туѓ, особено ако му носеше пари, што во добар дел од животот му беше една од главните битки. По успехот на првите реклами, со американскиот винар Пол Масон прави договор за рекламирање од  половина милион долари. Не тераа долго бидејќи Велс бааги се опуштал пред снимањето.

ЕУ лакрдија

За сите кои се убедени дека ЕУ е саде транспарентност и медиумска отчетност: ја прашуваат Урсула фон дер Лајен зошто инсистира медиуите еден ден претходно да ги пратат прашањата кои планираат да ги постават на прес конференција и дали до толку не може да одговори на некое недоговорено прашање. Пазете го нејзиниот одговор: Видиш, за такво нешто не сум знајала.

Ќе направи ли наш инспектор некогаш вакво видео?

Знаете дека нема. Зошто? Е, ајде де? Инаку, ова е градежен инспектор од Америка, задолжен да го провери квалитетот на изведбата на нов објект. Главна поента му е дека изведувачите на работите (и таму) прават секакви пречки на инспекторите но уште поглавна поента од видеото е дека ако човек си ја брка работата поштено, градежен фушерај не може да се скрие или смува. 

Пазачите на Индија

Бела, плавокоса и убава девојка покажува како изгледа кога бела, плавокоса и убава девојка ќе легне да се сунча на плажа во Индија. Блиску до морето ама морето не се гледа од шпалирот сеирџии на кои којзнае што сè им се мота по глава.

Шериф со маалски речник

Шериф во Флорида, урнебесен! Предупредува на извесен предатор кој се преправа во жена и оди по кафани. Испаѓа јако грда жена. Грда како ограда. Човек може да почне да пие за да ја разубави во свои очи ама ако заглави со неа, сабајлето ќе сфати што е „Ролекс грдотија.“ Тоа е кога ќе видиш што ти заспало на раката на која носиш Ролекс и ќе заклучиш дека сепак се исплаќа да си ја исечеш таа рака за да фатиш усвет. Цар.

Басара: Митот за студентите

Во рамките на тој маѓепсан круг  - а ние се наоѓаме во еден таков - младите мајмуни на крајот стануваат стари мајмуни, повторувајќи ги истите грешки што ги правеле претходните стари мајмуни и го нарекувале тоа традиција.

Свежината на сунѓерот

„Свежо“ беше клучен збор во речиси сите маркетинг камањеи на американскиот ланец Сабвеј. Eat Fresh (од 2000 до денес), Eat Fresh, Refresh (2021), Founded on Fresh (2015), Fresh Is What We Do (2016)... На Џон Стјуарт ќе му залетнеше сендвичот кога слушна дека Сабвеј ќе вадат една хемикалија која нивните лепчиња за сендвичи ги правела меки ко душа. Само што истата хемикалија се користи за меки да бидат и килимчиња за јога и ѓонови на патики. 

Богословија по Луи СиКеј

Луис не мора ни да смислува гачка за да најде нешто што е урнебесно смешно, и тоа на најнеочекувани места. На пример, Библијата. Овде го чита делот каде што Исус претвора вода во вино. И библиските дијалози за тој настан кои комотно може да се сместат во некоја телевизиска сапуница. 

Боговите паднаа на пакистанско теме

На неколку возрасни Пакистанци им покажуваат глобус, што, очигледно, прават гледаат. Па треба да погодат што е. Најмногу им личи на фудбал, или балон,  еден од нив мисли дека во топката има бонбони и благца. На крај ќе им кажат што е, и тоа дополнително ќе ја разведри нивната љубопитност. Срцки се. Само, кога ќе помислиш дека овие имаат нуклеарно оружје....

А ние се мислиме незаменливи

Само еден податок за таа огромна популациона грамада наречена Индија. Индија може во секоја држава што постои на светот да испрати по два милиониа свои луѓе. И пак да ѝ останат повеќе од една милијарда.

Талибански поглед: Едно око ѝ е доволно на жена

Нема полошо и пострашно место на оваа планета да се биде жена отколку во Авганистан под идиотскиот режим на талибанците. Нема што не им забранија, од образование до право да излезат од дома без придружба на некој машки арпаџик од фамилија. Глејте сега и ова. Нели треба да се покриени од глава до петици и само очи да бидат отворени и тоа преку онаа решеткаста ткаенина. Е не! Не мора двете очи да гледаат. Едното да се покрие.   

Двократното работно време и здравјето на срцето

Секоја врела земја ја почитува својата сиеста (кога е толкава вруќина што е глупо било што да работиш), сè додека убавите и корисни локални традиции не бидат победени од лакомоста на капитализмот. Луѓе од Харвард следеле што се случува со кардиоваскуларното здравје на 23.000 Грци кои останале без вообичаениот одмор од два до пет. Мажите имале 67% повеќе шанси да ги здрма инфаркт.

Кинезите можат да го префрлат Карпош 1 во Карпош 3

Мајчини, нашле начин да префрлат цел градски блок за да направат место за нов урбан проект. Го направиле тоа со армија од стотици роботизирани „нозе“ благодарејќи на кои спасиле историски вредни објекти. 432 такви, малку по малку, со ситни чекори, го префрлале блокот по десет метри на ден. Следен чекор ќе им биде да го научат блокот да игра „пајдушко“.

Лула: Бразил нема никому да му коленичи

Бразилскиот претседател ја раскринкува приказната на Трамп дека воведува тарифи за оние земји кои ги користеле и злоупотребувале САД заради што тие заглавивле во трговски дефицит. За 15 години, Бразил e оној кој има трговски дефицит со САД, и тоа од 15 милијарди долари. А за дигнитетот нема преговарање, му порачува на Трамп, Луиз Инасио Лула да Силва. Ако може со добро, може, ако не, реципроцитет.  

За ваше добро, намалете со тоа водата

До пред некоја деценија важеше правилото, кога ти се пие вода - напиј се вода. Ама недоволно беше тоа, па почаа со правила за минимум 6, 8, 10 чаши дневно. Денес носат шишенца вода кај и да тргнале, небаре ќе се исушат „до онде“. „Глупости“, вели доктор Адиел Тел Орен кој потсетува дека клеточната хидратација зависи од правилниот метаболизам а не од постојаното налевање. Башка, со опсесивното пиење вода ги збунувате бубрезите и ги разводнувате електролитите. 

Гушни Американец

За да го ублажат актуелниот анимозитет меѓу САД и Канада, туристичкиот совет на Квебек ја објави оваа реклама директно насочена кон Американците. Проаѓа многу добро по социјалните мрежи, особено меѓу Американците кои емотивно се разнежнија од идејата дека на планетава постои место  каде локален човек би ги гушнал. 

Генијалец во пелени

Откако го изгледа видеово за едно мало генијалче, родител се пожали: „Она моено, на три години уште верува дека кака чоколадо“. А малово ептен, ептен надарено. На 14 месеци веќе ги знае сите букви од азбуката и знае да множи (?), и не само што обожава планети, знае и од што се создадени.  Ќе знае како е да си оглупен дури кога ќе дојде време првпат да се заљуби. 

10 чекори кон автократија

Американската политичарка и активистка, Стејси Абрамс, прецизно опишува образец по која една демократија постепено преминува во автократија. Во српскиот твитер свет во кој го најдовме видеото се уверени дека огромен дел од работата е завршена и дека се наоѓаат меѓу 9-от и 10-от чекор. Не дека ние не препознаваме некои од фазите од кај нас и тоа така темелно изведени што веќе не памтиме кој беше првиот кој тргна по тој пат.