- Во есеј за Спајкд, Џорџина Мамфорд расправа дека политичарите се премногу фокусирани на културолошка, или онлајн мизогинија - како Ендру Тејт, мажосферата, токсичната машкост или сексистичкиот јазик на социјалните мрежи - а никако да се справат со реално насилство против жени и девојки.
- Појавата ја нарекува митска мизогинија - нејасни културолошки ставови што тешко се мерат, а се наоѓа наспроти материјалната мизогинија што и тоа како ја има - силување, сексуални напади, семејно насилство, убиства за чест, итн. Главниот аргумент е дека владините кампањи и часовите во школо нема значајно да го намалат сериозното насилство ако полицијата и судовите не ги гонат злосторниците и не ги заштитат жртвите.
- Со една реченица, доста ги третираме ТикТок, Ендру Тејт и сексистичките шеги како главниот проблем со мизогинијата - вниманието треба дасе насочи кон реално, постоечко насилство и на институционалната нефункционалност што го дозволува.
- Имаме современо читање на тинејџерската суровост: Новата адаптација на Кери на Мајк Фланаган го пренесува класичниот хорор-роман на Стивен Кинг во дигиталната ера, во која малтретирањето не завршува кога ќе ѕвони, туку продолжува на социјалните мрежи, каде понижувањето може бескрајно да се споделува и повторува.
- Серијата ја истакнува противречноста меѓу строгите безбедносни мерки во училиштата и недоволната реакција на малтретирањето, онлајн вознемирувањето и сексуалната злоупотреба. Отвора и прашања за опасностите со кои се соочуваат младите во сè понепријателската дигитална средина.
- Фланаган ја нагласува важноста на добрината, но авторката на текстот смета дека Кери зборува и за оправданоста на женскиот гнев по долгогодишно малтретирање и злоупотреба. Наместо постојано да простуваат, да молчат и да се приспособуваат, жените, вели, треба да можат отворено да зборуваат, да му се спротивстават на сексизмот и да одбијат да ја прифаќаат суровоста како нешто нормално.
- Авторката Кејт Листер остро ја критикува чантата Биркин на Ермес како еден од најекстремните симболи на раскош и економска нееднаквост. Вели, чантите чинат десетици илјади фунти, а ретките примероци и стотици илјади, а нивната огромна цена не е оправдана со функционалноста, туку со престижот и желбата да се покаже богатство.
- Мета на критика е и културата околу сето тоа, промовирана од славни личности, инфлуенсери и ултрабогати луѓе. Според неа, апсурдот не е само во тоа што една чанта може да чини повеќе од годишната плата на медицинска сестра, туку и во фактот што ваквото расфрлање со богатството се слави како статус и успех, наместо да предизвикува непријатност во време кога многу луѓе живеат во сиромаштија.
- Смета дека Биркин можеби го губи статусот на престижен предмет бидејќи станала премногу присутна во културата на славните и почнала да се смета за кич. Посакува свет во кој луѓето ќе се гордеат со огромни донации каде што се потребни, не со фотографии каде што држат луксузни чанти.