„Inside the Manosphere“ ја извади публиката од памет со прашањата што ги поставува

„Современата машкост“ што ја пропагираат нафураните мажи од мажосферата и проблематичноста со која нè соочи Луи Теру отвара прашања што ич не се занемарување.

Најгледаниот документарец на Нетфликс во моментов не е класична криминалистика како што обично бива, туку филм кој навлегува во еден од најконтроверзните дигитални феномени на денешницата: т.н. „мажосфера“. Ние за овој дел од светот и интернетот пишувавме во „Во мажосферата не им е ни забавно веќе“.

Документарецот Louis Theroux: Inside the Manosphere брзо се искачи меѓу најгледаните на Нетфликс и предизвика силни реакции - од вознемиреност до страв и дебата за тоа како интернетот го обликува машкиот идентитет.

Во филмот Луи Теру, инаку познат британски документарист, добива пристап до онлајн заедници и инфлуенсери кои се дел од поширокиот феномен наречен „мажосфера“ - мрежа на канали, форуми и профили каде се промовираат ултра-машки идеали, самопомош, фитнес и бизнис совети, но и сè почесто контроверзни и радикални ставови за родовите улоги. За ова пишувавме и во „Генерација З се назад со материјалот на тема машко-женски односи“.

Го пуштаат, а немаат „напишано домашно“ - не сфаќаат дека не ги слави како „опасни фаци“ какви што мислат дека се, туку ги прикажува како девијација на општеството - и веднаш им е нешто незгодно. Се појавуваат неколку познати фигури од овој дигитален екосистем, меѓу кои Мајрон Гејнс, Џастин Вoлер и Харисон Саливан, познат како HSTikkyTokky (по името се познава длабочината). Преку нивните изјави и содржини, филмот прикажува како се гради една паралелна онлајн култура која комбинира мотивациски пораки со радикални идеи за машкост, успех и односи.

Самот Теру ја опишува оваа средина како спектар: од релативно мејнстрим канали за фитнес и продуктивност, до маргинални заедници каде идеите стануваат сè поекстремни.  Реакциите на публиката покажуваат колку оваа тема е чувствителна - дел од гледачите го опишуваат филмот како вознемирувачки увид во тоа што младите мажи денес консумираат онлајн. Корисници на Редит пишуваат дека е „страшно“ да се гледа, особено ако се размислува за влијанието врз деца и адолесценти. Други коментари нагласуваат дека документарецот покажува како алгоритмите на платформите можат да ги засилуваат ваквите содржини и да ги туркаат кон поширока публика.

Она што го прави Inside the Manosphere особено релевантен не е само содржината, туку контекстот: живееме во (дигитален) свет, во кој ваквите идеи не остануваат маргинални. Алгоритмите, кои наградуваат ангажман и емотивна реакција, често придонесуваат ваквите пораки да стигнат до сè поширока публика, особено до млади мажи кои бараат насоки за идентитет, успех или припадност.

31 март 2026 - 00:00