
Мажите од генерацијата З родени помеѓу 1997 и 2012 година - се речиси двојно почесто склони кон традиционални ставови за одлучување во бракот отколку мажите од генерацијата бејби бумери, родени меѓу 1946 и 1964 година. Само 13 од мажите од постарата генерација се согласиле со изјавите дека сопругата треба да му се покорува на сопругот и 17 проценти дека тој треба да ги носи главните одлуки во семејството.
Разликата се гледа и кај жените. Осумнаесет проценти од жените од генерацијата З се согласиле дека сопругата треба секогаш да го слуша сопругот - на оваа тема, бумерките се само 6 проценти.
Според Јулија Гилард, претседателка на Глобалниот институт за женско лидерство при King’s Business School, резултатите се загрижувачки - дел од младите мажи не само што поставуваат ограничувачки очекувања за жените, туку и самите се затвораат во строги и традиционални модели на машкост.
Истражувањето, спроведено од Ипсос во соработка со институтот при King’s College London по повод Меѓународниот ден на жената 2026, покажува и други интересни контрадикции. Речиси четвртина од мажите од генерацијата З сметаат дека жената не треба да изгледа премногу независна или самодоволна, додека со оваа изјава се согласуваат само 15 проценти од жените од истата генерација. Истовремено, токму младите мажи се групата која најчесто верува дека успешната кариера ја прави жената попривлечна. Со ова се согласиле 41 процент од нив, во споредба со 27 проценти бумери.
Кога станува збор за секојдневните семејни обврски, ставовите генерално се порамноправни. Само околу секој шести испитаник смета дека жените се тие што треба да се грижат за децата и за домашните работи, а помалку од четвртина сметаат дека мажите треба да бидат главните носители на приходот во семејството.
Многу испитаници прават разлика помеѓу личните ставови и општествените очекувања. Во Велика Британија, на пример, драматична е разликата меѓу тие што лично сметаат дека само жените се одговорни за децата и тие што се само свесни дека општеството го очекува тоа.
Една од можните причини за појавата на поконзервативни ставови кај дел од младите мажи, според експертите, е влијанието на интернет-културата. Некои испитани студенти спомнуваат одредени интернет-заедници, често нарекувани „мажосфера“, кои создаваат ехо-комори во кои традиционалните идеи за односите меѓу мажите и жените постојано се повторуваат и засилуваат.
Професорката Хиџунг Чанг, директорка на Глобалниот институт за женско лидерство, исто така укажува на силното влијание на социјалните мрежи. Таа смета дека бројни машки инфлуенсери, како во политиката така и на интернет, често ја нагласуваат традиционалната дефиниција за тоа што значи да се биде маж.
Гилард вели:
„Мораме да бидеме сигурни дека сите ќе учествуваат на патот до родовата еднаквост и дека им е кристално јасно зошто е тоа добро за сите.“