- САД ги укинаа санкциите за Франческа Албанезе, специјалната известувачка на Обединетите нации за палестинските територии, која ја критикуваше израелската војна во Газа и ја оцени како како „геноцид“.
- Администрацијата на Трамп лани ѝ воведе санкции на Албанезе, поради нејзината препорака до Меѓународниот кривичен суд да покрене истраги за воени злосторства против израелски и американски државјани и компании во врска со кампањата на геноцид во Газа.
- Ѝ забранија пристап во САД и ѝ ги блокираа сите сметки.
- Нејзиниот сопруг и ќерката, која е државјанка на САД, ја тужеа администрацијата на Трамп во февруари. Федерален судија на 13 мај привремено ги блокираше санкциите.
- Окружниот судија Ричард Леон заклучи дека „престојот на Албанезе надвор од САД не ја поткопува нејзината заштита според Првиот амандман од Уставот на САД“ и дека „администрацијата на Трамп се обидела да го регулира нејзиното право на говор поради „искажаната идеја или порака“.
- Европската Унија може да замрзне руски сметки поради војната во Украина, дури и ако не постои директна правна врска на сопствениците со лицата и фирмите против кои се воведени санкции, пресуди Судот на правдата на ЕУ.
- „Концептите на сопственост и контрола треба да ги опфатат сите форми на моќ или влијание што се вршат врз средствата, дури и ако не постои правна врска меѓу нив и засегнатото лице“, пишува во одлуката на судот.
- Одлуката на судот на ЕУ се однесува на три случаи во Италија, во врска со заплена на компании и јахта за кои има сомневања дека биле во сопственост на Руси на списокот на санкции на ЕУ. Судот го одобри запленувањето, иако биле утврдени само индиректни врски со санкционирани лица.
- „Целта на замрзнувањето на средствата е да се ограничат колку што е можно повеќе сите трансакции што можат да се извршат со нив. Секое заобиколување на санкциите треба да се спречи“, стои во пресудата.
- Германскиот канцелар Фридрих Мерц предложи Украина да стане „придружна членка“ на Европската Унија - да им се дозволи на украински претставници да учествуваат на самитите и министерските состаноци на ЕУ, но без право на глас.
- Украина би била опфатена со клаузулата за заемна помош на блокот и би имала право на финансирање од делови од буџетот на ЕУ.
- Привременото членство би било поништено ако Киев отстапи од стандардите за владеење на правото неопходни за целосно пристапување.
- „Очигледно е дека нема да можеме наскоро да го завршиме процесот на пристапување (на Украина), со оглед на безбројните пречки и политичката сложеност на процесите на ратификација. Предвидувам политичко решение што значително ќе ја доближи Украина до Европската Унија и нејзините основни институции веднаш... Тоа ќе помогне во олеснувањето на тековните мировни преговори“, забележал Мерц во писмо до шефовите на ЕУ - Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта.