Стејт департментот соопшти дека ја суспендира обработката на имиграциски визи за граѓани од 75 земји, вклучувајќи ја и Македонија, за кои има сомневања дека веројатно ќе имаат потреба од социјална помош додека живеат во САД. Суспензијата, која ќе се применува од 21 јануари, нема да се однесува на оние што бараат привремени туристички или деловни визи, кои се огромно мнозинство.
„Администрацијата на Трамп става крај на злоупотребата на американскиот имиграциски систем од оние кои би извлекле богатство од американскиот народ. Обработката на имиграциски визи од овие 75 земји ќе биде паузирана додека Стејт департментот ги преиспита процедурите за обработка на имиграцијата за да спречи влез на странски државјани кои би користеле социјална помош и јавни бенефиции“, соопшти Министерството за надворешни на САД.
Во посебно известување испратено до сите амбасади и конзулати на САД се вели дека и апликантите за неимигрантски визи треба да бидат целосно проверени и тестирани за да се процени дали би можеле да бараат социјална помош. Конзуларните службеници може да побараат од апликантите да пополнат посебен формулар во кој се откажуваат од барање јавни бенефиции додека се во САД.
Имигрантите што бараат влез во САД веќе се подложуваат на медицински преглед од лекар кој е одобрен од амбасадите. Тие се проверуваат за заразни болести, историја на употреба на дрога или алкохол, ментални здравствени состојби или насилство. Од нив се бара и да имаат голем број вакцини. Новата директива ги прошири проверките на семејниот статус, финансиите, образованието, вештините, познавањето на англискиот јазик и какво било минато користење на јавна помош, без оглед на земјата.
Покрај Македонија, земји погодени од суспензијата се и Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. Целиот список тука.
Четворица астронаути итно се враќаат од Меѓународната вселенска станица заради евакуација на еден од нив со здравствен проблеми. Ова е првата мисија на НАСА за евакуација поради болест во изминатите 65 години.
Астронаутите од САД, Русија и Јапонија ја напуштија МВС со капсулата „Драгон“ на Спејс Икс и се очекува по неколку часа да се спуштат во Пацификот близу Сан Диего. НАСА не ги објави идентитетот и медицинските проблеми на загрозениот астронаут. На станицата останаа еден астронаут од САД и двајца од Русија.
„Прво и најважно, сите сме ОК. Сите сме стабилни, безбедни и добро згрижени. Ова беше одлука да дозволиме правилна медицинска проверка на Земјата, каде што има подобри капацитети за дијагностика“, изјави пилотот Мајк Финке.
Компјутерските моделирања предвидуваат по една медицинска евакуација од Меѓународната вселенска станица на секои три години. Оваа е првата на НАСА откако пред 65 години ја испрати својата прва вселенска мисија со екипаж. Русите имаат вакви искуства. Советскиот космонаут Владимир Васјутин во 1985 година беше првиот што се врати од станицата „Саљут 7“ поради сериозна инфекција.
По голем притисок од јавноста, британските лабуристички власти се откажаа од воведувањето задолжителна дигитална лична карта, со цел за да се засили евиденцијата на работниците и да се воспостави контрола врз нелегалната миграција.
Премиерот Кир Стармер во септември вети дека мигрантите нема да можат да работат во Обединетото Кралство ако немаат дигитална лична карта. Иницијативата беше најавена за 2029 година, но беше критикувана како инструмент што може да го засили надзорот врз сите Британци и да им ја загрози приватноста.
Анкети покажуваат дека за 49% се намалила поддршката за задолжително воведување дигитални документи. Онлајн петицијата со која се повикува Владата да не ја воведува шемата собра речиси три милиони потписи.
Со новите измени останува одредбата за задолжителна проверка на мигрантите што бараат работа, но ни тие, како и било кои други во Британија, нема да бидат обврзани да вадат дигитален документ за идентификација.
Воведувањето дигитални лични карти е загрозено и од финансиски причини. Реформата е проценета на 1,8 милијарди фунти. Министерката Рејчел Ривс одби да издвои посебни средства, па на министерствата им е наредено да издвојат пари од своите буџети.