Навивачите на две африкански топ фудбалски нации кои играат на Светско 2026 најверојатно ќе останат дома да ги гледаат натпреварите на Сенегал и Брег на Слонова Коска. Причина за тоа е одлуката за листа со парцијална забрана за влез на државјани од неколку земји донесена во декември.
САД се домаќини на Мундијалот летово заедно со Канада и Мексико.
„Не знам зошто американскиот претседател би сакал некои навивачи од некои земји да не бидат дел од Светското. Ако тоа е случај, тогаш не би требале да се нафатат да бидат домаќини на Светско првенство“, вели навивач на Сенегал, Џибрил Гај за Асошијејтед Прес во Танжер, Мароко каде се одржува Африкански Куп на нации.

Претседателот на САД Доналд Трамп изјави тогаш во декември дека проверките и делумните проверки, односно неисполнувањето некои критериуми се главна причина за забраната за влез во земјата.
Исто и навивачи од Иран и Хаити, две земји чии репрезентации се квалификуваа на Светското првенство ќе имаат забрана за влез во САД исто. Тие беа на првата листа за забрана за влез од администрацијата на Трамп.
Оваа рестрикција има исклучок за играчи, селектори, тренери, стручен штаб и роднини на тие кои ќе патуваат на Мундијалот, но нема дозвола за навивачи.
„Ние навистина сакаме да учествуваме, но не знаеме како. Ние сега уште чекаме зошто уште не е дојдено Светското првенство, можеби тие ќе се предомислат. Не знаеме. Ќе чекаме и да видиме“, вели Фату Џеду, претседателка на некое здружение на навивачки на Сенегал.

Извесен Шеик Си го бодрел својот Сенегал на минатото Светско во Катар и сега бара начин како да влезе во САД.
„Ние патуваме секаде со нашата репрезентација зошто сме навивачи на Сенегал. Така што кога Сенегал се пласираше на Мундијал ние мора да одиме таму“.
СЕ НАДЕВААТ НА ДОБРИ ВЕСТИ
Сенегал кој стигна до полуфинале на Купот на Африкански нации и денес ќе игра против Египет од 18 часот, ќе го игра првиот натпревар на Светското на 16-ти јуни на „МетЛајф“ стадионот во Њу Џерси против Франција, четири дена пред да се сретне и со Норвешка на истиот стадион.
На 26-ти јуни го играат последниот дуел од групна фаза против победникот од баражот меѓу Боливија/Суринам/Ирак.
Брег на Слонова Коска, пак, исто има две средби во САД, прво против Еквадор во Филаделфија на 14-ти јуни па против Германија во Торонто и завршува со Курасао во САД.
Селекторот на Брег на Слонова Коска Емерс Фае е оптимистичен дека ќе може да се најде решение за навивачите. Тој вели дека навивачите на неговата репрезентација имале проблем и за влез во Мароко на Африканскиот Куп каде им вовеле виза пред Светското.
„На крајот, се испадна фино и лесно и тие кои имаа карти за натпреварите моежа да дојдат. Мислам дека работите ќе се средат со време до Светското“, рекол селекторот на Брег на Слонова Коска за АП во Маракеш и додал:
„Прослава, фудбалот е прослава и за мене, би била права срамота посебно што Светското се игра на секои четири години, би била права срамота да не се пуштат нашите навивачи да бидат дел од оваа прослава“.
Но оние државјани на САД кои водат потекло од овие две земји и веќе имаат визи или двојни државјанства, не се погодени од оваа забрана и ќе можат да ги бодрат фудбалските репрезентации.
А цените на карти кои се најскапи во историјата на Светските првенства и скапиот престој во САД се друга причина за муабет...