Букбокс гледанка: „Еретик“ (2024)

Да се раководевме само од жанровскиот опис на овој филм, кој се води како хорор, никогаш немаше да го пуштиме. За среќа некој внатрешен глас ни кажа дека тука може да има поинаков штоф. Останува да (ни) верувате. 

Сестра Барнс и сестра Пакстон, млади мормонски мисионерки, седат на клупа и со сочни детали зборуваат за порнографија.

Ова е првата, антологиска сцена од филмот „Еретик“. Тој почнува како навидум предвидлива хорор-приказна за млада невиност фрлена во канџите на повозрасен, машки манипулатор, но постепено станува дијалошки психолошки трилер кој жонглира со филозофски идеи. 

Двете девојки чукаат на вратата на г-дин Рид (Хју Грант), кој претходно изразил интерес да продискутира со нив за светите списи и за верата. Како во типичен хорор, надвор почнува невреме, куќата и однадвор е како маѓепсан замок, а тоа уште повеќе ќе се потврди кога ќе навлеземе во нејзината внатрешност, каде секоја просторија наликува на ново ниво на видео игрица. Во тој физички и интелектуален лавиринт почнува „експериментот“, најпрвин со тестирање на довербата, но потоа и на верата на двата „субјекта“.

Рид изгледа и зборува како голем број славни психопати од историјата на филмот (зошто сите мораат да носат ретро наочари со тенки рамки?) - елоквентно, образовано, дури и шармантно. Но наскоро неговата игра од психолошка ќе стане и многу физичка. Тие ќе треба, според него, да ја искусат смртта, пред да дојдат до просветлувачкото сознание - која е највисоката, ултимативна религија. 

Насловот на филмот е исто така игра, со умот на гледачот. Имено, терминот „еретик“ доаѓа од грчкото hairetikos - способен да избира, да формира свое мислење, да го фати својот пат. Дури подоцна, со подемот на монотеизмот, тој почнал да означува личност која застранува од етаблираната религиска доктрина, секако со негативна конотација. Барајќи од девојките во животозагрозувачки момент да изберат помеѓу виолетовата и сината врата (вербата и невербата), а со сосема исти последици, г-дин го доведува во прашање самиот концепт на „еретичност“. Ако нема разлика во изборот, тогаш нема ни еретици, затоа што дури и во негативната верзија, тој - еретикот - сепак го одбира својот пат. Ако пак нема еретици, тоа значи дека нема ни од што да се „застрани“, па нема ни вистинска вера. Ова циркуларно мислење е одлично илустрирано и со движењето на камерата низ куќата-лавиринт (на јужнокореанскиот кинематографер Чунг Чунг-хун, (Олд бој, Ит, Вонка), низ која може само да се кружи но не и да се излезе. 

Како што и може да се очекува од филм кој долго време се потпира на дијалог и неизвесност, во еден момент мистеријата мора да се материјализира. Токму тогаш „Еретик“ делумно ја губи својата апстрактна моќ. Особено „не-мораше-баш-вака“ делува крајот. Затоа што вистинскиот хорор не лежи во насилството, туку во прашањата што филмот барем на почетокот толку добро почна да ги поставува: Зошто веруваме во она во што веруваме? Дали верата е резултат на традиција, убедување или на гола навика? И што ако темелите врз кои ги градиме сопствените животи не се толку цврсти како што ни се чини? И покрај оваа воздржаност, ова е филм што не ја потценува, туку ја поттикнува љубопитноста на гледачот за сопствените постапки - која врата би ја отвориле, сината или виолетовата? 

Илина, Букбокс

8 January 2026 - 11:13