Затворањата на неколку училишта во Шведска во медиумите биле пренесени како изолирани и неповрзани инциденти. Но, истрага на весникот Expressen откри дека преку овие училишта две големи исламистички мрежи украле над 1 милијарда шведски круни од државните фондови за образование.
Ова е двојна загуба за општеството. Шведските деца не добиваа образование, а наместо тоа даночните обврзници финансирале исламистички екстремизам, забележа обвинителот Хенрик Фагер.
Тоа што од 2019 година биле на списокот за надгледување на Шведската безбедносна служба (САПО) како „потенцијалната закана за националната безбедност“ не ги спречила имамите Або Раад, Абдел Насер ел Нади, Хусеин ал-Џибури да формираат фиктивни училишта и градинки и да ги водат со години, само за да добиваат субвенции од државата.

Имамот Ел Нади формирал Научно училиште во Гетеборг, вработувал лица што се враќале откако војувале за групата Исламска држава, собрал ваучери од владата во милионски износи, префрлал пари на лични сметки во Малта и потоа едноставно исчезнал од земјата. Репортерите го лоцирале во Египет. Неговиот соработник Або Раад доброволно ја напуштил Шведска. Финансискиот советник Мохамад ал Котрани направил долг од 2,4 милиони долари, но сè уште е директор на 20 фирми.
На четири и пол години затвор беше осуден директорот и поранешен пратеник Абдиризак Вабери, поради извлекување на 12 милиони круни од училиштето преку лажни фактури за трошоци за ИТ. Големи суми биле испратени до исламистичката партија што Вабери ја формирал во Сомалија. Пари биле потрошени за престој во луксузни хотели во Југоисточна Азија и Најроби, за посети на секс-клубови во Тајланд и за членарини и патни трошоци на сопартијците во Сомалија.
Училиштето Нова каста во Гевле било затворено откако Службата за безбедност открила врски со насилен исламизам и со програми за радикализација на млади луѓе. Отворена е истрага за финансиска измама, но основачот Рабие Карам веќе избегал во Египет.

Затворени се и градинките Билал во три општини во Норланд, откако поранешниот благајник, имамот од Умеа, Хусеин ал-Џибури, бил осуден за сериозни сметководствени кривични дела. Мултимилионски суми воопшто не биле евидентирани и завршиле кај приватни лица.
Моделот на кражба на системите за социјална заштита и образование сега е глобален. Отворена е голема истрага во Минесота, каде што е концентрирана најголемата сомалиска заедница во САД, а има минимален надзор на трошењето на федералните средства. Шведска барем покрена истрага и настојува да ги гони измамниците.
Владата во октомври призна присуство и експанзија на политички ислам во разни државни институции и објави дека почнала официјална истрага за да се утврди влијанието на групата Муслиманско братство врз локалните заедници, училиштата, социјалните служби, па дури и во политичките институции. Првичните резултати ќе бидат објавени идната година.
******
Види и: Минесота ги финансира терористите во Сомалија